Пред повеќе години, голем број светски медиуми ја пренесоа веста за инцидентот во Охрид со туристка од Бугарија која повреди лебед за да се фотографира со него. На фотографиите се гледа како жена насилно ја држи птицата додека се смее. Нехуманиот однос на жената кон лебедот го привлече вниманието на јавноста и беше остро осуден од сите. Птицата не реагирала бурно затоа што лебедите навикнале на присуството на луѓето.
Повредената птица (вид. Црвеноклун лебед) познат како Џорџ, го преживеа насилното однесување на туристката од соседството, меѓутоа остана со повредено, вкочането и неподвижно десно крило. Тогаш здружението за заштита на животни „Анималија“ од Охрид ја алармираше пошироката јавност, но и надлежните институции за потребата од помош, соодветна нега и згрижување, но обидот да се залови лебедот за санација на повреденото крило остана неуспешен, кој доволно кажува за непрофесионалниот пристап на службите, и потребата да се оформи професионално тело за грижа за лебедите.
„Повредениот лебед без проблеми маневрира по езерото и живее вака повеќе години. Во недостиг на професионална служба која ќе може без никаков стрес да го залови лебедот и која целосно успешно ќе ја изведе целата оваа операција, подобро е тој да биде оставен да живее вака, отколку да му откаже срцето од стрес, бидејќи лебедите се мошне чувствителни птици“, информираа од „Анималија“.
Миленикот на охриѓани слободно се движи низ охридските плажи и им прави „друштво“ на туристите за кои е интересна појава. Сака да е меѓу луѓето кои често пати го хранат и фотографираат.
Популарниот Џорџ добива помош во наоѓањето храна од многубројни локалци и посетители љубители на животни.
Често пати може да се види на плажите кај Славија каде плива во езерските води заедно со посетителите или пак се одмара со оние кои се сончаат. Омилено место за одмор му е карпата кај пешачката патека која ја спојува плажата „Потпеш“ и населбата Канео.
„Фрлајте му храна, набљудувајте го и слободно уживајте со лебедчето Џорџ“, порачуваат од „Анималија“.
фото извор: приватна архива, Наке Батев, OhridNews;