Од Клиниката за детски болести во Скопје денеска не израдуваа со уште една среќна вест. Министерот за здравство Венко Филипче на своите социјални мрежи сподели дека Хилал си оди дома здрава и насмеана, среќна дека се избори со болеста. Малата Хилал го победи ракот, а пред да ја напушти болницата, дојде најпосакуваниот момент за децата пациенти од хематолошкото одделение, симболично заѕвоне на ѕвончето означувајќи крај на здравствената битка додека медицинските лица ја бодреа со охрабрувачки довикувања и аплаузи.
Секое дете успешно излекувано од малигна болест на Клиниката за детски болести во Скопје се доживува многу емотивно со ритуалот на ѕвоното кој симболизира победа над болеста, и малите пациенти и нивните родители со нетрпение го очекуваат. Малата Хилал ќе ви го стопли срцето со ѕвонењето на ѕвоното на Детската клиника во Скопје.
„Таа се лекуваше на хематолошкото одделение на Клиниката за детски болести. Во месецот посветен за подигнување на свеста за карцином кај деца и адолесценти, Хилал заминува дома. Септември е “златен” месец, а златната лента е симбол за поддршката на децата болни од рак и нивните родители. Златната боја е боја на храброста и упорноста. Огромна благодарност до детската клиника за неисцрпната сила што ја даваат во третманот на нашите мали, големи херои”, напиша министерот во обраќањето до јавноста.
*Видеото е одобрено од родител.