Туристичките работници со моќна порака за спас на домашниот туризам

Сабота, 18 Јули 2020 14:00

Пандемијата со која се соочуваме донесе големи промени во секојдневното функционирање на луѓето. Разорниот економски исход веќе се чувствува низ целиот свет. Последиците се веќе тука, а еден од најзасегнатите сектори поради неговата природа, е сигурно туризмот. 

Иако се преземаа разни мерки за зачувување и раст на домашниот туризам, сепак туристичките работници од земјава се соединија во заедничка кампања, со цел да допрат до оние кои не знаат со какви проблеми се соочува туризмот изминативе месеци.

Туризам

„Ако не се прифатат нашите барања 5.000 луѓе ќе останат без работа, а секторот ќе замре и нема да има можност повторно да се активира. За многу од нив е под знак прашалник дали ќе можат да ги хранат своите семејства“, изјави Емил Димитровски, претседател на Стопанската комора за туризам.

 

„Две од мерките се најважни за секторот. Бараме мерката за субвенционирање на платите и придонесите да продолжи до крајот на годината, со тоа што придонесите ќе се покријат со 100 отсто субвенции. Со тоа ќе се помогне на вработените во овој сектор“, појасни извршната директорка Биљана Пејоска Ристеска на прес-конференцијата.

Туризам

„Дека нешто требаше да се менува во туризмот увидовме  уште пред неколку години кога светот стана едно глобално село а неговите жители започнаа сами да ги прелетуваат океаните. Тогаш сите одеднаш станаа експерти за сè: за букирање хотели, за резервација на авио билети, за мапирање на атрактивни места без туристички водичи... моментот блесна кога наеднаш, преку ноќ, најголемиот престиж беше да бидеш виден на фејсбук дека си сликан пред Ајфеловата кула, во гондолата низ Венецијанските канали, на улиците низ колоритната Барселона па се до егзотичните плажи на островот Пукет на Тајланд.

Во целата таа приказна најголемиот успех не беше да се вратиш побогат со едно ново искуство, туку да им кажеш на сите дека си успеал сам да се организираш-без туристичка агенција! Па уште и ако споделиш контакти за најефтините места каде си спиел, тогаш си херој.

Во истовреме ние, туристичките агенции, во обид да ги задржиме туристите кај нас ја започнавме својата самоубиствена битка-да нудиме се поефтини и поефтини услуги забивајќи си нож самите на себе, чиниш небаре сите ќе дојдат кај нас. Ефектот беше постигнат: туристите започнаа да не бараат само кога им требаше Last minute понуда! За жал, квалитетот изби во втор план, приказната за добро спакувана програма со пристојно сместување и професионални туристички водичи беше сè потешко пласирана понуда на пазарот. 

Ковид-19 само дотури сол на веќе отворената рана. Ги дотепа туристичките работници кои, за жал, во овие четири месеци го достигнаа најниското ниво на деградација. Целата туристичка дејност, како најпогодена, остана на маргините на сите збиднувања. Клуч на врата со сите отворени проекти: претплатени хотели и авио билети, авансирани сместувачки капацитети низ туристичките дестинации, купени билети за концерти, заробени пари кои никој не ни помисли да ги врати. Така ја започнавме битката со времето во кое туристичките работници требаше молкум да го голтаат гневот на туристите и нивните обвинувања дека сме им ги украле парите. Тоа беше разорната моќ на вирусот: немоќта да се справиме со  редовните трошоци од кои никој не нè прости, а рака на срце, и не се ни потресе многу за целата туристичка фела и нивните семејства. За одолговлекување на агонијата ни помогна државата: Ја донесе уредбата со која ни дозволи на сите туристи кои уплатиле аранжман да им издадеме вредносни ваучери со кои нивните средства им се гарантирани. Наши ваучери, не државни! Ни подели две месечни плати во износ од 14.500 денари (во очекување сме на ветената трета плата). И ја започна кампањата за поддршка на малите бизниси со слоганот „Не ми треба туристичка агенција, сам ќе си резервирам соба“ ингорирајќи го фактот дека некому тие наводници ништо не му значат. И уште една кампања „Дома си е дома“, за која се поминаа 4128 километри низ нашата Македонија. Нас, туристичките работници не изоставија. Дури и не ни овозможија да аплицираме за вредносните ваучери поделени од државата. Која иронија е да промовираш домашен туризам без туристичките агенции на кои им остана уште надежта дека некој од нашата мила Македонија ќе се сети да резервира летување директно кај нас, во агенциите. И тоа откако ќе ги испровери сам сите цени низ објектите кои денес државата јавно ги објави со телефонски броеви и е-маил адреси за директни резервации.

А ние, туристичките работници, сеуште се надеваме дека државата нема да не заборави. Не заради тоа што многу не сака, туку затоа што ќе и отвориме нов проблем: Ќе банкротираме! Колку и да звучи ова бедно, вистина е. Околу 300 туристички агенции ќе стават клуч на врата, најмалку 1000 работници ќе останат без работа, буџетот ќе остане пократок за милионите денари кои сме ги плаќале за даноци. Цела една дејност ќе ја снема. Рака на срце, не сме неопходни како лебот наш насушен. Но сме нужно потребни за да не го нарушиме процесот на рамнотежа. Затоа, сакале Вие или не, ќе мора да се согласите дека ќе мора да ни дадете респиратори како шанса да преживееме. И тоа сите, до еден, оти не сме на грбот на државниот буџет и оти досега сте имале само ќар од нас. Бараме само шанса да ни овозможите да продолжиме сами да си го заработуваме лебот, за потоа повторно да го поделиме со државата. Зарем е тоа навистина многу?

А патниците? На нив им ја оставаме отворена шансата да ни подадат рака. Оти меѓу нас се нивните пријатели, роднини, нивните деца. Туристичките работници искрено веруваат дека ќе проработи свеста кај сите дека целиот универзум е еден круг и дека сите зависиме еден од друг. Ни треба само зрно повеќе човештина за да се издигнеме како феникс од пепелта. Во спротивно ќе се закопаме сите во неа“, е пораката на туристичките агенции.