Модата е жива, постојано се менува и редовно го воодушевува набљудувачот. Не изгледа здодевно и веќе видено, затоа што секогаш може да се повика на ретрото во себе за посебни ситуации. Таа нè наведува да гледаме на облеката не само како парчиња ткаенина кои нè греат (или ладат), туку и како одраз на нашиот карактер. Токму оваа разноврсност на модата му донесе на светот квалитетни модни дизајнери и секако квалитетна облека. Но, дали модата може да стори повеќе од тоа? Може ли да биде мултифункционална?
Денес ве запознаваме со делата на рацете на млада дизајнерка од Нигерија. Нејзиното име е Oyinda Akinfenwa, а нејзините креации се карактеризираат со мултифукнционалност, односно едно парче облека (поточно фустан) може да се носи на најмалку три начина. На прашањето зошто одбрала мултифункционална облека, Ојинда вели дека нејзина цел е да им овозможи на жените да создадат изглед во согласност со нивното моментално расположение. Според неа, еден фустан крие многу повеќе од она што може да се види на прв поглед.
Последно парче облека кое привлече големо внимание е смарагдно зелен фустан, кој може да се стилизира на дури 4 начини. Без разлика дали претпочитате поскромна, заводлива, класична или поелегантна варијанта, сè што треба е да направите неколку лесни потези, да го врзете и преклопите материјалот за да добиете целосно подолг/пократок фустан.
Ојинда истакнува дека понекогаш и требаат неколку недели да смисли нов дизајн за фустан, додека за некои само неколку дена. Сите мултифункционални креации во нејзината модна линија ги нарекува Janore, соодветно на нејзината искрена љубов кон модата и посочува дека се чувствува како да е на врвот на светот кога своите идеи за создавање облека ќе ги примени во пракса и ќе им даде можност на припадничките на понежниот пол да имаат идеален фустан за секоја пригода без да потрошат премногу пари.
Ѕирнете во нашата галерија и откријте ги мултифункционалните фустани на младата нигериска креативна дизајнерка, па можеби и кај вас ќе се роди инспирација за мултифункционална креација.