Зоолошката градина во Варшава, Полска, изгуби еден од четирите слонови во март годинава. Ерна беше најголемата и најстарата женка од видот на Африкански слонови, а зад себе остави три млади слончиња кои треба да си ја најдат улогата во разурнатото стадо. Откако стадото слонови во оваа Зоолошка градина останаа без алфа женката, чуварите од зоолошката забележале необични промени во однесувањето на слоновите, особено изразено кај младата слоница Fredzia.
Со најголеми потешкотии при адаптацијата, барајќи начин да се поврзе со женската слоница Буба, вработените од зоолошката истакнале дека Фредзиа е депресивна и покажува знаци на тага. Загрижени за ваквата состојба на анксиозност и депресија кај слоницата, најавија експериментална терапија со масло од канабис која ќе служи за тестирање како оваа билка влијае врз намалување на стресот кај Фредзиа, и ќе и помогне на слоницата за зближување со останатите во групата. Слоновите ќе добијат дози течност со висока концентрација релаксирачки канабидоиден CBD преку нивните сурли. Градината ќе ја следи состојбата на животните низ нивото на хормони и ќе го следи нивното однесување.
За ваквиот пилот-проект во Варшава, интерес покажа истражувачката група за набљудување на социјалната структура на групите слонови, предводена од професорката Кејтлин О’Конел од Универзитетот „Стендфорд“, која се согласува дека терапијата со ЦБД масло е соодветна за стадото слонови во Варшава, имајќи предвид за анти-стрес ефектите на маслото врз луѓето, кои не се справуваат со загубата многу поразлично од слоновите – цицачи.
„Се забележува дека слоновите имаат слични однесувања како нас во контекст на загуба, па поради тоа што делиме некои исти хормони, треба да се проба скоро сè кога станува збор за намалување на стресот“, изјави О’Конел.