Томас Лејн, еден од четворицата полицајци од Минеаполис, вклучени во смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд, е ослободен од притвор, откако за него била платена кауција.
Лејн е еден од тројцата полицајци обвинети за помагање и поттикнување убиство од втор степен, како и за помагање и поттикнување убиство со предумисла од втор степен во смртта на Флојд на 25 мај. Четвртиот полицаец, Дерек Шовин, кој со коленото му го притискал вратот на Флојд додека тој викал дека не може да дише, е обвинет за убиство од втор степен и убиство со предумисла. Сите четворица беа отпуштени од полицијата во Минеаполис.
Адвокатот на 37-годишниот поранешен полицаец, Ерл Греј, потврди дека на Лејн му била исплатена кауција од 750.000 долари и дека станува збор за условна кауција, значи од Лејн ќе се бара да исполни одредени услови за да не биде повторно приведен. Лејн активно ќе биде следен, нема да му биде дозволено да носи оружје или да бидe повторно вработен во полиција. Безусловната кауција за негово ослободување од притвор изнесувала 1 милион долари.
Лејн е ослободен од притвор вчера во 17 часот, а неговиот адвокат одбил да дава дополнителни коментари. Тој е сега во својот дом со сопругата, а адвокатот одбил на одговори на прашањето дали Лејн се плаши за својот живот со оглед на протестите ширум земјата.
Инаку Лејн потекнува од полициско семејство кои велат дека се засрамени, но и дека такво нешто не личи на него. Осомничениот го опишуваат како 37-годишен од регионот Твин Сити во Минесота кој е „сочувствителен, забавен и остроумен“. Тој се оженил во 2018 година и бил возбуден за неговата кариера и проширување на семејството. Дедото на Лејн, Доналд М. Мили бил детектив во полицијата во Минеаполис, починал во 2008 година на 92-годишна возраст. Останатите членови на семејството на Лејн работеле во градската полиција.