Кафето е омилен напиток за многумина. Меѓународниот ден на кафето се одбележува на 1 октомври од 2015 година, на предлог на Меѓународната организација за кафе состаната на саемот Milan EXPO во Милано. Од Италија се рашири практиката во многу земји кафулињата и производителите да им нудат на клиентите попусти или бесплатно кафе на тој ден. Се надеваме дека овој вид на промоција ќе заживее и кај нас.
Кафето го конзумираат луѓе ширум светот и поради тоа, сосема оправдано, се смета дека е најпопуларниот напиток на планетата после вода. Според податоците на Светската здравствена организација, околу 1,6 милијарди чаши кафе се пијат секој ден во светот.
Најголеми „зависници од кафе“ се новинарите. Истражувањата во Британија покажаа дека новинарите пијат најмногу кафе, повеќе од четири шолји на ден, по нив следат полицајците и наставниците. Експертите тврдат дека максималната безбедна количина е девет чаши на ден, но бидејќи ефектот на кофеин се губи за четири до шест часа, дневната доза може да биде уште поголема. Кофеинот, како главна состојка во кафето, позитивно влијае на расположението и будноста, спречува пад на концентрацијата и ја намалува депресијата и анксиозноста. Смртоносна доза на кофеин е 100 шолји кафе.
Постојат повеќе начини на подготовка на кафените растенија кои се одгледуваат во 70 земји, пред се во екваторијалните региони на Јужна Америка, Јужна Азија, Индија и Африка. Откриено е во Етиопија, во областа Кафе според која го добил и името, каде според легендата еден овчар забележал необично однесување на неговите кози, кои станале хиперактивни откако од грмушките ги изеле црвените бобинки. Потоа Турците и Холанѓаните го пренесуваат во Европа, каде најмногу го пијат Финците. Американците се најголеми потрошувачи на кафе во светот со испиени 450 милиони чаши на ден. Денес најчесто се одгледува во Бразил, која е најголем извозник и држава која за многумина е првата асоцијација за овој напиток.
Дали можете да го замислите денот без кафе? Со него денот започнува, со него се водат многу важни, но и целосно обични разговори, а притоа е еден и од поевтините напитоци со кој може да се почестите себеси, но и другите. Кафето ја има таа моќ да апсолутно никогаш не може да досади, бидејќи постојат толку многу видови и начини на кои се приготвува. Ние препорачуваме најголемиот празник на кафе-љубителите да го прославите со малку поинакво кафе од вообичаеното што го пиете, со употреба на мала доза креативност како додаток. Доволно е да додадете само заледени коцки кафе, или млеко, и разгалувањето на вашите сетила може да започне.