Започна со работа ЈП „Лајка“ – стационар за бездомни кучиња

Среда, 14 Октомври 2020 20:00

Град Скопје добива ново Јавно претпријатие за грижа и заштита на бездомните животни кои скитаат низ метрополата. Денес градоначалникот Петре Шилегов го прогласи за отворен новиот објект на стационарот за кучиња и спроведувањето на новата програма ЈП „Лајка“. На отворањето присуствуваа директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска, како и неколку скопски градоначалници.

 ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“

Спроведувањето на новата програма не значи само ново ЈП и нов објект, туку воспоставување на систем на контрола на нивната популација која ќе подразбира вклучување на повеќе општествени чинители. Новиот концепт за третман на кучињата скитници предвидува заловување на нерегистрирани/видно необележани кучиња на јавни површини, без сопственик, нивен преглед во ветеринарната служба во стационарот, привремено сместување во стационарот до нивно вдомување или враќање на локација од каде што се заловени или трајно згрижување во резерват за кучиња. Претходно кучињата ќе бидат тестирани, третирани (по потреба), вакцинирани против беснило и заразни болести, дехелминтизирани, стерилизирани и обележани со ушна маркица и микрочип. Новиот концепт ќе подразбира брзи тестови за детекција на болести, како и задолжителна вакцинација и ревакцинација на кучињата скитници со цел да се превенираат заразните болести кај нив. Освен со ушна маркица кучињата ќе бидат обележани и со микрочип и за секоја единка ќе се води уредна електронска евиденција за здравствената состојба. Новина е и СОС телефонската линија каде граѓаните имаат можност да пријават повреда од каснување на куче, а дежурниот вработен на линијата е должен да пријави итен случај во стационарот и во Агенцијата за храна и ветеринарство чиј инспектор е должен понатаму да постапи согласно со законот.

 ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“

„Лајка“ е комплетно нов стационар, уреден и опремен по сите светски стандарди, кој располага со 200 засебни апартмани обезбедени со подно греење. Oрдинацијата e опремена по најсовремени стандарди и има две операциони сали, оддел за интензивна нега, приемен преглед, чекална, стерилна просторија, просторија за лекови, тријажен дел и постоперативен простор со 20 легла, салон за нега на кучињата, како и специјално изградениот Парк за интеракција, преку кој кучињата кои биле жртви на траума низ игра и забава ќе добијат прилика да стекнат навики за ресоцијализација. Дополнително, во рамки на стационарот на располагање е едукативен центар во кој најмладите ќе можат да добијат едукација, како и прилика за вдомување на некое од кучињата. Долгорочната цел е да прерасне во првото место на кое ќе помислат граѓаните кои сакаат да вдомат куче, и истовремено сите здрави и способни кучиња да најдат дом кој го посакуваат, затоа што секое куче заслужува втора шанса.

„На големо задоволство на сите нас од денеска и официјално го пуштаме во употреба новиот стационар за бездомни кучиња. „Лајка“ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Имено, пред година и половина кога размислувавме за решавање на деценискиот проблем што Градот Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека целосно треба да го смениме концептот и ова што го гледате денеска е само почеток на тој концепт и официјален крај на „Вардариште“. Градот Скопје е меѓу ретките градови, единствен во регионот кој заради посветеноста на овој проблем има сопствено јавно претпријатие, не сме веќе дел од „Комунална хигиена“ и во коешто ќе работат обучени луѓе. Станува збор за убедливо најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област. Се надевам дека „Лајка“ ќе стане центар за вдомување на кучиња и ред други работи кои подразбираат еден многу повнимателен и поодговорен однос со овие животни. „Лајка“ ќе биде многу повеќе од обичен стационар, односно ќе значи дом за сите овие кучиња кои по игра на судбината немаат друг дом. Исто така, во блиска иднина „Лајка“ ќе значи истовремено и занемарливо мал број на кучиња на улиците што ќе води речиси до нула каснувања за луѓето. Мое лично убедување е дека е време човекот да му врати на неговиот најдобар пријател“, изјави Шилегов.

 ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“

Тој се заблагодари на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство и ги охрабри градоначалниците од другите општини во државата, а пред се на другите општини во скопската котлина, да бараат решенија и сите да пристапат кон решавање на овој проблем преку еден повисок степен на посветеност и сериозност.

 ЈП „Лајка“ ЈП „Лајка“