Филипче: Излекувано уште едно дете од малигна болест на Клиниката за детски болести

Вторник, 22 Септември 2020 22:30

„Една кротка убавица, покажа дека е лавица! Браво на храброста драга наша Бојана, те чекаме со уште поголеми животни успеси, ти можеш сѐ што сакаш само посакај!“, велат од Клиниката за детски болести.

Бојана е едно од децата кои победија карцином. И посакуваме секогаш да е насмеана, здрава, среќна. Благодарност до установата, која повторно ги враќа насмевките на нашите најмили и нивните родители.

Септември е месец посветен на малите пациенти кои ја водат најтешката битка за животот, а за свој непријател го имаат ракот. Ова е месец кога треба да се зборува за малигните заболувања кај децата и адолесцентите, да се подигне свеста кај јавноста и да се ослободат децата од предрасудите. „Златен септември“ е месец на „златните деца“, на големите борци и вистински херои.

„‘Златен септември’ е месец кога треба да се зборува за малигните заболувања кај децата, да се подигне свеста за сите аспекти на оваа борба и за време на престојот во болницата и по враќањето во домашната средина по лекувањето“, пишуваат од Детската клиника.

 

„Нема поголемо задоволство кога дете насмеано и здраво заминува од болница. Нема посреќно чувство во тие моменти за неговите родители, другарчиња, најблиски. Децата ни се сѐ во животот и даваме максимум за нивна насмевка. Многу сум горд на тимот од Клиниката за детски болести, затоа што успешноста на лекување на детските малигноми е над 80%. Имаме врвен стручен тим од лекари со кои треба сите да се гордееме. Златната боја е боја на силата, храброста и упорноста, и е симболична боја за нашите мали, големи херои“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.