Со уредбата со законска сила за издавање на ваучери за туризам (Дома си е дома) на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба, објавена во Службен весник 141 од 30.5.2020 се уредуваат условите, начинот и постапката на издавање и користење на ваучери за поттикнување на домашниот туризам во услови на намалена економска активност заради здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19, финансирани од Буџетот на Република Северна Македонија преку Програмата на Министерството за економија П1-Мерки за справување со COVID-19 кризата.
Кои се добитници на ваучер?
„Вработени лица со низок доход“ - државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи.
Што претставува ваучерот?
„Ваучер за туризам“ е вредносен ваучер со номинална вредност од 6.000 денари издаден од Министерството за економија, кој се користи за добивање на туристички и угостителски услуги за сместување или сместување и исхрана во категоризирани угостителските објекти за сместување преку даватели на туристички услуги.
Ваучерот за туризам гласи на име и презиме на корисникот на ваучерот и содржи единствен QR код, пин код, ваучер код и рок на важење на ваучерот, како и други корисни информации и инструкции за употреба.
Угостителски објекти за сместување
„Угостителските објекти за сместување“ се:
- хотели, мотели, пансиони, резиденции, хотелски населби, апартмански населби и туристички населби и
- ноќевалишта, гостилници, кампови, приватни сместувачки капацитети (соби, апартмани, станови, куќи), одморалишта (за деца, младинци, работници, лица со попреченост и слично), други комплементарни објекти (феријални домови, планинарски и ловни домови и куќи и објекти за привремено сместување).
Каде може да го искористите добиениот ваучер?
Лицата корисници, ваучерот за туризам ќе може да го искористат за добивање на туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти од 15.07.2020 до 15.12.2020, кај давателите на туристички услуги објавени на интернет платформата на следниов линк: https://list.domasiedoma.gov.mk/.
Доколку вредноста на туристичката или угостителска услуга која се плаќа со ваучерот за туризам е помала од 6.000 денари ќе се смета дека ваучерот е целосно искористен. Ако вредноста на туристичката или угостителска услуга која се плаќа со ваучерот за туризам е поголема од 6.000 денари, разликата над овој износ ја доплатува корисникот на ваучерот за туризам.
Законски регулативи
Злоупотребата и фалсификувањето на ваучерот за туризам подлежи на казна согласно со Кривичниот законик. Oдмерувањето на висината на глобата за правно лице, трговец поединец, физичко лице кое врши стопанска дејност, физичко лице регистрирани во регистарот за сместување и одговорно лице во правното лице се врши согласно Законот за прекршоците.