„Дома си е дома“ - ваучери за поттикнување на домашниот туризам

Недела, 14 Јуни 2020 17:53

Пуштена е во употреба платформата „Дома си е дома“ со која почнува реализацијата на мерката за издавање на ваучери за домашен туризам. Конечната листа е објавена на веб-страницата domasiedoma.gov.mk на која граѓаните можат да проверат дали ќе добијат ваучери за туризам во вредност од 6.000 денари. Добиените средства ќе можат да ги искористат во домашните туристички капацитети во периодот од 15 јули до 15 декември годинава.

Лебеди

За да им помогне на дел од домашните граѓани со пониски примања во услови на економска криза поради коронавирусот, но и на домашните туристички капацитети, Владата реши 100 илјади наши граѓани да добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари, како и домашна платежна картичка од 3.000 денари.

Мерката предвидува сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат за купување домашни производи или во сите угостителски објекти во државата.

За да проверите дали сте добитник на ваучер за туризам, отверете ја страницата дома си е дома во вашиот интернет прелистувач. Потоа внесете го вашиот ЕМБГ за да извршите проверка и доколку податоците се точни кликнете „пребарај“.

Категоризирани угостителски објекти се сите објекти за сместување кои имаат Решение за категоризација вклучувајќи ги и издавачите на соби за сместување и други приватни сместувачки капацитети во нашата држава. Ова е прилика и сите објекти кои не се категоризирани, да го направат тоа заклучно до 20 јуни за да можат потоа да аплицираат за користење на мерката и нивните понуди да ги прикачат на платформата.

Државите во кои најчесто летувавме се уште ги токмат правилата кои ќе важат за странските туристи. Кога и како во Грција или во Хрватска, ќе се отворат ли границите, какви ќе бидат условите, ќе биде ли многу поскапо и покмплицирано, или можеби поевтино и не толку сложено, се прашањата кои ги мачат македонските граѓани. Дел од нив затоа решија овој тип на главоболки да ги заменат со постепено размислување за летување во сопствената држава. Охрид, Дојран, Преспа, можеби на планина или во некое рурално подрачје. А зошто и да не се смени токму ова лето од морскиот амбиент, кој досега најчесто се практикуваше.

Дел од туристичките агенции во земјава, а кои досега главно работеа со Грција, веќе ги ставаат во своите пакети и понуди и домашните хотели. Сепак, проблем е што хотелите се уште не работат, па не се знае од кога би се резервирале првите летувања.

„Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме домашниот туризам.Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, додека со платежната картичка поттикнуваме купување на домашни производи и услуги“, објаснија од власта, презентирајќи го третиот сет економски мерки.