Дали воопшто постои личност што не сака Нутела? Навистина има нешто волшебно во чоколадото и лешниците измешани заедно во едно кремасто задоволство. Овој рецепт може слободно да го наречеме безгрешен, затоа што се употребуваат само здрави состојки, а притоа е и навистина лесен за приготвување.
- Време за подготвување: 15 минути
- Време за готвење: 15 минути
- Вкупно време: 30 минути
- Koличина: 1 тегла
Состојки
- 250гр. лешници
- 2 супени лажици какао во прав
- 250гр. урми
- вода (количината зависи од густината на смесата)
- опционално: 2 кафени лажички мед
Начин на подготовка
Загрејте ја рерната на 180°C. Ставете ги лешниците во тава за печење и распоредете ги во еден слој. Печете 15 минути, мешајќи на секои 5 минути. Извадете ги лешниците од рерната и оставете ги да се оладат 10-15 минути.
Во меѓувреме ставете ги урмите во сад со топла вода, да се потопат и да отстојат 5-15 минути, во зависност од тоа колку се меки.
Ставете ги лешниците во процесор за храна и блендирајте 10-тина минути, или додека не добиете путер од лешник. За да добиете навистина мазна смеса, правете пауза од бледирањето на секоја минута и изгребете ги страните усмерувајќи ја смесата на средината од блендерот.
Во процесорот за храна додадете го какаото во прав и медот. Блендирајте една до две минути.
Додека процесорот за храна сè уште работи, постепено додадете ги урмите и дел од водата во која тие отстојале за да ја постигнете густината која ја сакате. Мешајте додека смесата не се изедначи. Ви преостанува само да уживате во ова слатко задоволство.
Добар апетит!