Кога гледаме романтични комедии, ние како гледачи очекуваме главните ликови да се вљубат и да го добијат својот среќен крај. Секако, најочекувана сцена е онаа кога ќе ја здогледаме невестата и венчаницата која го дефинира нејзиниот карактер и ја подига љубовната приказна на едно повисоко ниво. Тие модни креации остануваат врежани во нашите сеќавања, па ајде да се потсетиме на едни од најиконските венчаници на големиот екран. Колку ли пати само сме се замислувале на нивно место...
Кери, Сексот и градот (2008)
Кога се подготвува за важниот ден, Кери пробува фустани од различни дизајнери и конечно се одлучува за еден креиран од Вивиен Вествуд. Во сериите и филмовите каде главна тема се 4 модерни пријателки, има многу венчаници кои се појавуваат пред камерите, но оваа веројатно ни е омилена!
Адалин, Ерата на Адалин (2015)
Фустанот на Адалин е одличен приказ на модните трендови од 30-тите. Сатенски фустан украсен со чипка, тенки нараквици и голем превез за кој сонуваа сите девојки од тоа време.
Викторија, Младата Викторија (2009)
Прекрасната венчаница која Кралицата Викторија некогаш ја носеше, дизајнерите повторно ја создадоа и тоа што е можно попрецизно. Се разбира, критичарите беа вчудоневидени од креацијата, поради што филмот беше и награден со Оскар за „Најдобра костимографија“.
Џо, Смешно лице (1957)
Едноставниот венчален изглед од дизајнерот Хуберт де Живанши ја истакна витката фигура на Одри Хепберн и направи да изгледа магично. Ова е одлична венчаница ако сакате удобно да танцувате на вашата свадба.
Кетнис, Игрите на гладите (2013)
Изгледот на белиот фустан на Кетнис со лудата тантела и футуристичкиот корсет е создаден од индонезиски дизајнер по име Текс Саверио. И покрај тоа што таа не го носи фустанот за венчавка, ние едноставно не можевме да го игнорираме!
Трејси, Високо општество (1956)
Ликот на Грејс Кели носеше свилена венчаница со многу слоеви и везени цвеќиња. Ова беше искомбинирано со голема шапка и кратки ракавици.
Скарлет, Однесено со виорот (1939)
Дизајнерката на костуми за Однесено со виорот избра старомоден фустан за Скарлет, иако таа како лик е прилично тренди. Тоа било направено за да се покаже дека го облекла фустанот на нејзината мајка, поради што и изгледа толку различен од модата што обично ја претпочиташе.
Лив, Војна на невестите (2009)
Дизајнерката Вера Ванг слободно можеме да кажеме дека е кралица на венчаниците. За ликот кој го толкуваше Кејт Хадсон, таа избра голем фустан со низок струк и деколте во форма на срце. Виолетовиот појас го направи изгледот уште поелегантен и повпечатлив.
Блер, Озборувачка (2007–2012)
Син невестински фустан од Elie Saab за главниот лик, во една од најкултните серии кои оставиле длабок моден печат. И после толку години, се уште изгледа модерно и безвременски.
Анастасија, Педесет нијанси ослободени (2018)
Тантела, голи рамена, и долг вел, се она што може да го видиме на фустанот дизајниран од Monique Lhuillier. Таа имала визија за фустан кој ќе го отсликува карактерот на главната хероина, традиционален, со потајна желба за модерна нишка. По се судејќи, сосема успеала во намерата.