Македонската дизајнерка Антонија Ристовска, препознатлива по уникатните венчаници и тоалети, претстави лимитирана колекција за сезоната есен/зима 2020, а фокусот го стави на впечатливите палта.
„Капутот не е само парче облека кое ќе не згрее во ладните денови. Тоа е вашиот начин да комуницирате со целиот свет околу вас во првиот момент кога ќе го напуштите вашиот дом. За сезоната есен/зима 2020 инспирацијата за колекцијата капути ја пронајдов токму во жената која внимателно го одбира секое парче облека и каква приказна сака да раскаже преку него“, вели таа.
Брендот преку фотосесија ги претстави капутите од најновата лимитирана колекција, и откри на што се работеше во изминатиот период во модното ателје.
„Капут во темно сива или црна боја ве прави да изгледате мистериозно. Виолетовата боја го истакнува гламурот во вас. Кралско сината како омилена на софистицираните дами. Камел бојата пак како земјен тон ве прикажува како смирена и релаксирана личност. Создавајќи модели кои ќе си го најдат своето место во зимските денови од година во година, секој модел е изработен со внимателно комбинирање на бои и детали. Дел од моделите се инспирирани од колор блок техниката за прв пат воведена во уметноста од познатиот сликар Мондријан, а дел се во нијанси на бела и црна, како посакувани за неутрални комбинации. Во секое парче може да се забележи фузија на класичниот гламур и модерниот минимализам. Како и секоја колекција, ателјето ги изработи сите модели со големо внимание за највисок квалитет, но во согласност со оддржлива мода – со минимален отпад“, додава Ристовска.
Колекцијата е достапна во ателје Антонија Ристовска или со нарачка онлајн.