Подгответе се за летно сметање на времето: Стрелките на часовникот одат еден час напред

Петок, 26 Март 2021 20:30

Викендов кој ни следува, не заборавајте да ги поместите стрелките на часовникот, бидејќи започнува летното сметање на времето. Во недела, на 28 март во 2 часот наутро, часовникот ќе се помести еден час напред на 3 часот.

Часовник

Летното сметање ќе заврши на 31 октомври во 3 часот, со поместување на стрелките еден час наназад.

Европскиот парламент уште пред 2 години го поддржа предлогот за укинување на задолжителното поместување на часовникот за еден час во земјите од Европската Унија. Ова ќе стапи на сила оваа година, кога секоја членка ќе може да избере дали постојано ќе остане на летно или на зимско сметање на времето. Тоа значи дека за некои земји кои планираат да останат на летно сметање на времето, ова ќе биде последното поместување на стрелките на часовникот.

Она што е добро во летното сметање на времето е што денот трае подолго. Веќе може да се забележи дека се стемнува околу 18 часот, што значи дека пред крајот на месецот, вечерта ќе ни доаѓа некаде по 19 часот а во летните месеци, сонце ќе имаме и по 20 часот.

За првпат ваква промена била забележана во 1916 година во државите на северот на Европа, а сега летното сметање на времето се практикува во 70 земји во светот, но не во ист ден. Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.