„Не си сама“: Денес е Меѓународен ден против насилството врз жената

Среда, 25 Ноември 2020 21:00

На 25 ноември се обележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и семејното насилство, со кој започнува светската кампања “16 дена активизам против родово базираното насилство“ под темата „Orange the World: Fund, Respond, Prevent, Collect!“, како една глобална, светска кампања која ја одбележуваат 1.700 организации во повеќе од 100 земји во светот. Овој период од 16 дена исто така подвлекува други значајни датуми, вклучувајки го и 29 ноември, Меѓународен ден на заштитниците на женските човекови права, 1 декември, Светски ден за борба против сидата, и 6 Декември, Годишнина од масакарот во Монтреал. Кампањата завршува на 10 декември со Меѓународниот ден на човековите права.

Меѓународен ден против насилството врз жената

Првиот состанок на феминистките од Јужна Америка и Кариби (Feminist Encuentro) е оддржан 1981 година во Богота, кога за првпат жените отворено зборуваа за семејното насилство, силувањето и сексуалното злоставување. 25 ноември е избран како ден на сеќавање на сестрите политички активистки Мирабел – Патрија, Минерва и Марија Тереза, кои беа брутално убиени поради нивниот бунт против диктаторскиот режим на тогашниот претседател на земјата Рафаел Труиљо во Доминиканска Република во 1960 година. Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17 декември 1999 година официјално го потврди 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20 декември 1993 година.

„Насилство врз жената можеби е најсрамното прекршување на  човековите права. И тоа е можеби најраспространето. Не познава граници во однос на географската положба, културата или богатството. Се додека продолжува, ние не можеме да кажеме дека е направен вистински напредок во правец на постигнување на еднаквост, развој и мир“, изјави Кофи Анан, поранешен Генерален Секретар на Обединетите Нации на 8 март 1999 г.

Меѓународен ден против насилството врз жената

Ни Македонија не е исклучена од пространетоста на родовото насилство, но ни од потребата за јавно подигнување на свеста. Родово базираното насилство, дискриминацијата врз основа на пол и бременост, присилниот абортус и стерилизацијата, помалите плати и помалку платениот труд, неефикасните механизми за правна заштита и мобингот, претставуваат секојдневно континуирано нарушување на правата на жените во Македонија.

„Ковид-19 кризата ги погоди сите здравствени системи. Изолацијата за време на долгите карантини резултираа со зголемен број на семејни насилства. Секојдневно регистрираме вакви случаи во онлајн амбулантата на Клиниката за психијатрија, со што постојано го зголемуваме тимот во установата. Заеднички во еден инклузивен процес, институциите и граѓанските организации отворивме три центри за жртви од сексуално насилство согласно Истанбулската конвенција во Скопје, Тетово и Куманово. Жените сакам да знаат дека има каде да се обратат и да добијат стручна помош. Тие никогаш не се сами, преку институциите тие ја имаат нашата најголема поддршка. На денешниот Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените ја испраќаме пораката дека мора неуморно да работиме да ја подигнеме свесноста вакви случаи да има се помалку“, напиша министерот за здравство Венко Филипче во своето обраќање до јавноста.

КАЖИ НЕ

Во период кога поради кризата со пандемијата од Ковид-19 сите повеќе седиме дома, регистрирано е зголемување на насилството врз жените. Насилството врз жените и семејното насилство ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува анксиозност и депресија, чувство на немоќ и безизлезност, а претставува и грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество. Затоа, многу е важно жените да не молчат, да кажат НЕ на насилството и веднаш да пријават на следниот линк. Важно е да се напомене дека постојат и две национални СОС-линии, кои работат 24 часа секој ден во неделата. Броевите се 15 700 и 15 315.

„Причините и последиците, контекстите и приказните, се разликуваат. Но, гласот прави разлика. Постои релативно едноставно решение: да се подигне гласот на луѓето и да се каже не на насилството“, е уносониот меѓународен повик и апелот на организациите за борба против насилството.

Меѓународен ден против насилството врз жената

Да го дадеме сите својот придонес во подигнувањето на свеста и да помогнеме во борбата против сите видови насилство!

Најчитани

Соновник

Најчест сон за вчера беше: Мртовец

Цагери

Следен цагер

Цагери Четврток - 11:11 - Наскоро ќе бидете заедно