Здраво и вкусно: Домашна чоколатерија за органски кремови и слатки намази

Петок, 03 Јули 2020 19:45

Викендот и убавото време ги искористивме да го запознаеме Пеце, кој живее и работи на својата мини фарма и градина во родна Драјслајца. Патот не одведе до ова живописно селце оддалечено пет километри од Струга, сега веќе надалеку познато по уникатниот домашен крем од лешници „Леска“. Моравме да ја задоволиме љубопитноста да вкусиме од слатките намази, и да дознаме лично од креаторот на оваа магична фузија од лешник, мед, чоколада како му успева да погоди сечии вкусови низ целата држава.

ЛескаЛескаЛеска

Пеце всушност пасијата за готвење ја има уште од мали нозе.

„Во мојот дом секогаш квалитетно се готвело, а кулинарското влијание го добив од мајка ми и баба ми“, вели Пеце во разговорот за „Taa.mk“.

Пеце Леска

Покрај вродената желба да помага во домашната кујна при приготвувањето на разни слатки, воочил дека направените торти и колачи не се доволни да се искористат сите лешници со кои располагале, и сепак на крајот на годината останувала солидна неискористена количина.

„Инспирацијата дојде од лешниците кои ми растат во дворот. Иако преку целата година правевме доста слатки со лешници, сепак на почетокот од новата сезоната остануваше количина од лешници што сакав некако да ја употребам. Чоколадните крем-намази се доста популарни во светот, па си реков зошто да не пробам да направам некој мој намаз од останатите лешници. Тој чекор дефинитивно беше почетокот на мојата опсесија со чоколатиерството, па почнав да одам многу подалеку во оваа креативна област. Секој нареден експеримент се повеќе ме стимулираше. Секој успех ме охрабруваше, а секој неуспех ме тераше да учам од грешките“, додава нашиот соговорник.

Леска

Почнува активно да се занимава и креативно да се изразува преку кулинарството кога почнал со работа во ресторански кујни. Често секој производ го презентирал на гостите во рестораните каде што работел, и реакцијата на луѓето го охрабрила последниве неколку години опсесивно да се посвети на чоколатиерскиот занает и преработката на јаткасти плодови и семки. Доста истражувал околу овој занает преку многу труд проследен со успеси и неуспеси, читање литература и комуникација преку интернет со разни луѓе кои имаат слична дејност. Тука немало од кој да учи, немал ментор зошто ретко кој се занимава во регионов со таков занает, па колку што можел се трудел сам да копа по знаењето.

„Сега кога ќе се сетам првите намази имаа многу недостатоци, на почетокот не знаев точно што правам, но тоа што го правев беше нешто ново тука во Македонија и луѓето се воодушевуваа на тоа дека некој прави "домашна Нутела". Тој старт ми ветуваше дека таквиот производ би бил одлично прифатен во иднина. Со многу труд и истражување пред скоро 3 години почнав да ги создавам моите рецепти за преку 50 производи кои го носат името Леска. Леска е фамилија од различни намази изработени врз база на јаткасти плодови. Пристапот на изработка е артисански, односно занаетчиски, при што главна цел е непрекинато создавање и мало производство на уникатни и висококвалитетни кремови и путери од разни јаткасти плодови. Последнава година почнав и со креирање рецепти за чоколада која ја изработувам директно од какао зрна. Кога почнав да презентирам и на социјалните мрежи веќе бев сигурен дека ова ќе е мојата иднина“, раскажува Пеце.

ЛескаЛеска

Пред сè чоколатеријата „Леска“ е успешна приказна ради количеството љубов вложено во секој производ, иако процесот е долг, па Пеце често пати има потреба од дополнителна помош, најчесто од неговите сопруга и мајка. Набавување на намирници, комуникација со луѓе, печење на јатките, лупење на јатките, мелење на јатките, пасирање на јатките , па на крај правење комбинации со други намирници за да се направат кремови. Потоа уште многу споредни активности како миење и стерилизација на тегли, одржување хигиена итн. Секој чекор бара целосна ангажираност и посветеност, која на крајот на денот му носи радост знаејќи ја среќата на лицата на консументите кога готовиот производ ќе го имаат во рака.

„Не е возможно се сам да правам. На почетокот сам се ангажирав за многу работи. Но сега соработувам со посветени фармери кои многу добро си ја знаат работата и секогаш добивам намирници со највисок квалитет. Исто така соработувам и со други занаетчии кои се занимаваат со храна како пчелари, луѓе кои прават домашни џемови, сирупи итн. Вниманието е посветено на секој детал за на крај да се добие совршен производ. Всушност Леска претставува една мрежа на локални земјоделски и гастрономски занаетчии“, вели тој.

ЛескаЛеска

Покрај стандардните комбинации на вкусови, каде преовладува лешникот со разни чоколади, какао, карамел или комбинацијата со млеко и ф'стаци, многу интересни се и сезонските вкусови застапени само во одреден период од годината, како есенско-зимските (лешник со џем од јаболко и цимет, лешник и костен, лешник и печена тиква).

„Се водам од љубопитноста, односно од прашањето кое си го поставувам себе си: што ќе се случи ако ги спојам овие намирници? Па така вкусови има многу, во многу различни варијанти. Како основни бази на видовите се лешници, бадеми, ореви, семки од тиква, ф'стаци, семки од сончоглед, какао. Врз база на овие јатки постојат преку 50 видови на путери и крем-намази. Станува збор за комбинации со разни видови на чоколади, овошни џемови, млеко, разни засладувачи, миксови на повеќе видови јатки, варијации на текстури итн. Генерално сите производи ги делам на три главни групи: путери од јатки, крем-намази базирани на масти и крем-намази базирани на вода. Еве би наброил неколку: фино мелен путер од лешник, крцкав путер од лешник, путер од бадеми, веган крем од лешник и какао, крем од лешник и бела чоколада, крем од бадеми, крем од семки од тиква, ф'стак крем, крем од лешник со бела чоколада и кокосово масло, крем од ореви, путер од ореви со мед, крем од лешник и темна чоколада, крем од лешник со џем од шипки, крем од лешник со џем од јаболка и цимет, крем од лешник со печена тиква итн“, додава тој.

ЛескаЛескаЛеска

Пеце со неуморната креативност и инспирација во создавањето голема разнолика палета производи, им создава слатки маки на потрошувачите, кои често имаат проблем и се нерешителни при изборот. Има многу најбарани производи: веган крем од лешник и какао, путер од лешник, лешник-ф'стак микс крем, Леска коктели, лешник и руби чоколада. Интересно е што иако неговите производи се од чисто органски, домашни намирници, лесно го наоѓаат својот пат до секој дом, не исклучиво до лицата кои особено внимаваат на својата исхрана, или се под одреден посебен режим, пример вегански.

„Патот е едноставен. Соработувам со некои од брзите пошти и кога производот е спремен за кратко време поштата го доставува до домот на потрошувачот. Потешкиот дел од процесот е кога луѓето ја чекаат својата нарачка да се изработи, зошто сепак не сум фабрика туку занаетчија, па поради големиот интерес се случува луѓето со нетрпение да чекаат ред, а мојот капацитет на производство е ограничен“, вели Пеце и додава дека интересот е изненадувачки одличен бидејќи луѓето сакаат да пробуваат различни, уникатни и рачно изработувани продукти во кои самиот изработувач внесува многу љубов и внимание. Занаетчискиот производ има посебен карактер, има душа и зрачи со посебна енергија наспроти индустриските, па затоа секој сака да види и да проба.

Леска

Наскоро „Леска“ ќе биде официјална чоколатиерска работилница каде освен путерите и крем-намазите ќе се изработува и чоколада, а можеби и други разни чоколадни продукти. Ќе има и посебен веб сајт каде луѓето ќе можат онлајн да купуваат, а не е исклучена можноста да се отвори некое интересно дуќанче каде ќе се продаваат овие производи. Креативниот процес кај Пеце не прекинува во ниту еден момент, така што секако дека ќе има уште поголеми шаренила од производи.

„За сега можат да ме најдат на моите лични профили на Фејсбук (Pece Klechkaroski) и Инстаграм (peceklechkaroski). Начинот на нарачка ќе биде променет во блиска иднина“, завршува Пеце.

ЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛескаЛеска

фото извор: приватна архива, Гоце Цветков, Филип Чуркоски, Николина Лекоска, Przystanek11- culinary studio, Poland, facebook.com/Pece Klechkaroski; 

Најчитани

Соновник

Најчест сон за вчера беше: Мртовец

Цагери

Следен цагер

Цагери Четврток - 13:13 - Сака нештопосебно со тебе