Крешник Бектеши, министерот за економија, на прес-конференција во Владата информира за програмите што ќе ги реализира Министерството за економија во 2021 година, а кои беа донесени на последната седница на Владата.
Тој истакна дека и оваа година ќе продолжи мерката – организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето износот од 30.000 денари. Но, ваучери нема да има за сите граѓани со ниски примања туку ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Ефектите од ваучерите за домашен туризам за граѓани со ниски приходи, кои што како мерка за поддршка на туризмот за време на пандемија ги реализиравме минатата година дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети. Оваа година, во таа насока продолжуваме преку оваа мерка која што почна да се реализира за прв пат во 2017 година. Оваа година, за таа намена се предвидени вкупно 15.000.000 денари за организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари“, истакна Бектеши.
Поддршката ќе изнесува 12.000 денари од апликант, а јавниот повик за аплицирање ќе биде објавен во првата половина од годинава.
Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети – изјави Бектеши и додаде дека лани биле искористени над 65.000 ваучери.