Ново живеалиште за фламинга свечено се отвори во Зоолошката градина во Скопје. Во ова живеалиште ќе живеат 15 фламинга кои се едни од најегзотичните птици.
Видот на птиците, како што информира на прес-конференцијата Тина Мицковска, портпарол од ЗОО Скопје, е големо или розово фламинго, кои се доста распространети птици. Ги има во Јужна Америка, Јужна Африка, во Европа, Португалија, Кипар, Албанија, во Шпанија. Се работи за 15 млади птици, кои имаат помалку од една година. Сè уште немаат повпечатлива боја, но ќе ја оформат до пет годишна возраст. Бојата ја добиваат преку пигмент од специјална храна со која ќе бидат хранети. Од Зоолошката градина велат дека станува збор за едно од најубавите живеалишта за овие егзотични птици во Југоисточна Европа. Опфаќа внатрешен дел (40м2) и надворешен дел (120м2), со тераса за набљудување. Живеалиштето претставува мала лагуна со многу зеленило, базен за фламингата, како и посебен дел за хранење на птиците. Живеалиштето за фламинга е финансирано од Градот Скопје, а веднаш до него при крај со изработка е и новото живеалиште за пингвини кое ќе биде отворено во текот на летото.
„Очекувам во текот на летниот период да може да ги претставиме и пингвините. Ќе имаме два вида на најегзотични птици во нашата Зоолошка градина. Ги повикувам скопјани да ја посетат, притоа да се придржуваат сите до протоколите“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Директорот на ЗОО Скопје Ѓорѓи Галетановски соопшти дека изградбата била извршена од фабрика „Карпош“, додека за фламингата ќе се грижат негователите Маја и Војо.
„Се погриживме да изгледа естетски убаво. Се работи за егзотично нежни птици. Апелирам посетителите да водат грижа и да бидат претпазливи. Во текот на летото за првпат стигаат и пингвините, привршуваме и со тоа живеалиште“, рече Галетановски.