Првото кафуле на знаковен јазик во центарот на Скопје прослави 1 година постоење

Понеделник, 12 Октомври 2020 21:30

„О2 MR Coffee Bar“ е првото „знаковно“ кафуле во главниот град, каде кафињата и пијалаците се служат на толковен јазик, следејќи ги инструкциите во дигиталното мени. Отворен е со поддршка на Оперативниот план за вработување од двајца млади луѓе, Радмила Периќ и Мартин Ангелов, чија љубовна приказна трае 12 години. Освен љубовта, ги поврзува и Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски” во Скопје, училиште за средно стручно образование за ученици со оштетен слух, каде се запознале бидејќи и обајцата се лица со оштетување на слухот.

Кафуле О2

Идејата ја добиваат на патување надвор од државата, каде не е редок случај да глуви лица отвараат свои бизниси, бутици, ресторани, винарии. Па така, решаваат да конкурираат на грантот за самовработување, водени од желбата за приближување на културата на знаковниот јазик кон сите, на еден поинаков начин. Денес, кога одбележуваат една година постоење, ги поттикнуваат сите други лица со попреченост, доколку имаат идеја, да не се двоумат и да го остварат својот сон затоа што е возможно.

Кафуле О2

Често ги посетуваат нивни глувонеми пријатели, но и останати редовни гости. Иако засега тие двајца се единствените вработени, имаат план во иднина да ја прошират понудата и со мали, ладни оброци, сендвичи, помфрит и слично, па дури и да вработат уште некое глуво лице.

Кафуле О2

Иако и двајцата сопственици имаат оштетен слух, тие директно ја подобруваат економијата со отворањето сопствен бизнис. И во периодот на Ковид-19 директно инвестираат во економијата користејќи финансиски средства од оперативните мерки за вработување. Нивната досетливност е можност да научиме нешто ново и да придонесеме сите за што подобар соживот. Радмила и Мартин ни помагаат и со кратки видеа кои ги споделуваат на социјалните медиуми учејќи не како „знаковно“ да нарачаме одредено кафе.

„Домаќините се нај ,,cool" пар. Доколку сакате да доживеете несекојдневно искуство додека пиете кафе повелете во светот на знаковниот јазик придружен со вкусови“, е нивната покана за добредојде на сите идни посетители.

Доколку сакате да испиете кафе во различна, но пријатна атмосфера "02" е вистинското место. Посетете ги што поскоро, и изненадете ги со совладан „знак“ за кафето кое го пиете. Им посакуваме многу успех!