Владата на вчерашната седница донесе одлука за четвртиот сет мерки, со кои доделува помош на граѓаните.
„Владата им излезе во пресрет на барањата и иницијативите на повеќе субјекти погодени од кризата и на предлог на Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна задолжен за економски прашања, во соработка со Претседателот на Владата и Генералниот Секретаријат донесе одлука дополнителниот сет на мерки во вкупен износ изнесува 488.803.928,00 денари, односно околу 8 милиони евра“, се вели во соопштението.
На страницата https://www.kupuvamdomasno.gov.mk/, може да видите дали сте меѓу оние кои се опфатени во најновиот сет мерки на Владата. Потребно е само да го внесете матичниот број.
Во овој четврти сет мерки, се опфатени повеќе граѓани, иституции, компании. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
Овој пат поради потребата од брза реализација на мерката и заштеда на време потребно за печатење на платежни картички, мерката ќе се реализира преку исплаќање на средства на постоечка трансакциска сметка на граѓаните кои веќе поседуваат сметка во банка и дебитна картичка за користење на средствата од истата. За граѓаните кои немаат трансакциска сметка во банка, средствата ќе бидат исплатени на трансакциска сметка која ќе треба да ја отворат кај една од банките која склучила договор со Владата, при што во овој случај банките ќе треба да издадат дебитна картичка од причина што примената финансиска поддршка може да се користи исклучиво со употреба на дебитна платежна картичка. Односно, банките ќе им издадат картичка на тие кои немаат.
Иако денеска страницата не е комплетно функционална, сепак проверката е започната.