Проверете дали ќе добиете платежна картичка за купување домашни производи

Петок, 12 Јуни 2020 18:07

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција ги повика граѓаните на сајтот kupuvamdomasno.gov.mk да проверат дали се меѓу 325.000 лица кои ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи. Картичките ќе ги добијат до 18 јули, а парите ќе може да ги трошат до 15 август.

Шопинг

Со овие средства ќе се поддржат ранливи категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност, рече Ангеловска и допрецизираше дека картичките ги работат девет банки.

На списокот се речиси 114.000 активни невработени и социјалци кои ќе добијат по 9.000 денари. Треба да немаат приход поголем од 60.000 денари во првите 4 месеци од годинава. По 3.000 денари ќе добијат над 117.000 вработени лица со приход помал од 15.000 денари месечно. Нив им следува и ваучер за туризам од 6.000 денари. По 3.000 ќе добијат иоколу 87.000 средношколци и студенти. А картичка со 40 проценти од последната нето плата ќе добијат и речиси 4.400 здравствени работници влклучени во борбата со Ковид-19. Пензионерите не се опфатени со оваа мерка. Лицата кои ги исполнуваат условите, а кои нема да се најдат на листата - треба да се обратат до Генералниот секретаријат на Владата.

Продавниците ќе мора да имаат посебни оддели означени со македонски производи. А од картичките нема да може да се вади готовина.

А компаниите иако бараа повеќе месеци, сепак ќе може и за јуни да користат државна помош од 14.500 денари за исплата на плата.

Граѓаните кои не сакаат да ги земат парите на картичката која им ја доделува Владата може да се откажат од сумата и парите да се вратат во буџетот. Од Министерството за финансии велат дека опцијата е оставена за да може некој кој чувствува потреба, да не ги земе овие пари. Може тоа се некои од средношколците или студентите кои на пример имаат родители кои имаат поголеми примања, па свесно нема да сакаат да ги користат владините пари.