Утре започнува скијачката сезона на Попова Шапка. Како и секоја година, ски картите се бесплатни на денот на отворањето.
Ви го пренесување официјалното соопштение во целост:
Ве информираме дека скијачката сезона на Попова Шапка започнува на 17.12.2020 година (четврток), а традиционално, за сите посетители, скијањето на првиот ден е бесплатно. Овозможени се условите за официјален почеток на новата скијачка сезона во нашиот најголем Скијачки центар „Попова Шапка“. Ги покануваме сите љубители на скијањето и снегот, утре (четврток) со почеток во 9 часот заедно да ја отвориме сезоната со традиционалното бесплатно скијање на првиот ден од сезоната.
Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата ски-сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки. За утрешното скијање во функција ќе бидат ставени жичарниците „Св. Илија“ и „Церипашина“ и ски - лифтовите „Аеродром“ и „Ге“.
Заради минатогодишната скратена сезона,како што ветивме, ланскиот сезонскиот ски – билет ќе важи и оваа скијачка сезона. Од тие причини, ги повикуваме сите наши клиенти кои имаат лански сезонски ски – билети да дојдат во хотел „Попова Шапка“во Ски – центарот „Попова Шапка“, за истите да бидат активирани и ставени во функција.
Со официјалниот почеток на зимската сезона ќе важат вообичаените цени за ски – билетите. Дневниот билет, кој важи од 9 до 15:30 часот, ќе се продава по цена од 1.000 денари, полудневниот билет, кој важи од 12 до 15:30 часот, е 700 денари. Билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, е 500 денари. За сите билети се наплаќа повратна кауција во висина од 150 денари. Новина е можноста за туристички разглед со снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.
Исто така Ве информираме дека оваа зимска сезона, Ски – центарот ќе работи согласно донесените Протоколи за работа на ски – центрите во земјава од страна на Владата на РСМ, заради превенција и заштита од актуелната пандемија на Ковид – 19.
Ве очекуваме заедно да започнеме уште една успешна скијачка сезона!