На отворено и со максимален број посетители под маски во предворјето на Кинотеката на Македонија, во среда на 9 септември, во 19 часот почетокот на годинешното 23. издание на Скопје филм фестивал свечено го означи проекцијата на австралиско-британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел, базиран на романот на Питер Кери за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели, во кој се појавуваат Џорџ Меккеј и Расел Кроу, а потоа со проекција на филмот „Џулиета од духовите“ од 1965 година започна и ретроспективата на филмови по повод 100-годишнината од раѓањето на големиот италијански режисер Федерико Фелини чие творештво го одбележува изданието на фестивалот, на кој присуствуваше и амбасадорот Н.Е. Карло Ромео, а пред публиката со воведен збор за делото на Фелини се обрати Марко Пешетели, советник за култура во амбасадата на Италија.
„Прашање беше, како и секаде, дали фестивалот треба да се одржи и во која форма, но одлучивме да го преместиме во септември и на отворено за да им овозможиме на гледачите колку што е можно да уживаат во подвижните слики. Бидејќи, како што се покажа насекаде во светот, особено со оглед на траењето на оваа вонредна состојба, публиката е желна за култура, која дефинитивно не е луксуз, туку потреба“, од името на фестивалот порача на отворањето актерот Павел Маслов.
Во галеријата на Кинотеката беше отворена изложба на верзии на 11 плакати токму од филмовите на Фелини на меѓународно познатиот македонски уметник и дизајнер Зоран Кардула, која ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, а во галеријата можат да влезат ограничен број на посетители. Кардула се потпишува и како автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот.
Во рамките на програмата на фестивалот ќе биде отворена и изложба на дела на учесници на обуката за артивизам.
„Трета година во низа ја реализираме програмата „Денови на Квир кино“, во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми што извираат од квир-културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините“, изјави селекторот на програмата, Крис Белони, која започна со „Добре дојдовте во Чеченија“, свежо филмско парче на Дејвид Франс, приказна за група активисти кои ризикуваат незамислива опасност за да се спротистават на анти-ЛГБТК програма.