Психолог Михаиловска: Совети за добро ментално здравје во време на пандемија

Сабота, 20 Март 2021 17:30

Живееме во пролонгиран период на колективна несигурност и неизвесност. Почетоците на пандемијата бараа од сите нас брзо менување и прилагодување, но година дена подоцна сме сеуште во таа неизвесност и веќе изморени од сите емоции кои дојдоа со нејзе. Тоа што секогаш сме можеле лесно да предвидуваме и планираме во овие година дена беше прекинато. Таа непредвидливост, постојаното чувство на закана, изолираноста и постојаната заситеност на медиумите со вести за пандемијата во голема мера допринесоа да се зголеми стресот, анксиозноста, депресијата, па дури и самоубиствата во овој период. Покрај тоа, пандемијата влијаеше и на економски план - многу луѓе изгубија работа, се соочија со намалени приходи или се најдоа во финансиска нестабилност.

Психологија

Нашето постоење и пројавување е релациско. Пандемијата донесе забрана за социјални контакти, ги отежна и ограничи, обременувајќи ги со страв од можна зараза. Како последица на тоа сведочиме и на зголемено чувство на осаменост кај луѓето.

Анксиозноста е израз на немањето контрола. Чувствуваме дека немаме контрола над тоа што се случува и телото активира процеси на одбрана. Краткотрајно овие реакции се нормални, меѓутоа пандемијата донесе стресор кој е невидлив, а непознат и опасен за нас и за нашите сакани. Во исто време медиумите и центрите на моќ испраќаат амбивалентни и неконзистентни пораки во однос на тоа како треба да се справуваме, што дополнително влијае на зголемување на чувството на немоќ.

Анксиозноста влијае на когнитивните процеси, емоционалните доживувања и телото. На когнитивно ниво најчесто се јавуваат когнитивни дисторзии („Ќе се разболам“; „Ќе полудам“, „Ќе им се случи нешто на моите блиски“ „Никогаш нема да заврши пандемијата“ и сл.). Многу често овие мисли доведуваат до конфузност, иритабилност и потешкотии во концентрирање. На емоционално ниво е присутен стравот, тагата, лутината и сите овие се манифестираат преку физичките системи – забрзано срцебиење, дишење, покачен притисок, дигестивни проблеми, несоница, грчење во мускулите. Дел од луѓето во состојба на анксиозност се повлекуваат уште повеќе, избегнувајќи активности, почнуваат да прокрастинираат, други пак влегуваат во компулсивни однесувања (прејадување, преработување, постојан обид за контрола врз другите, злоупотреба на алкохол и сл.).

Семејниот контекст исто така допринесува во поттикнување или одржување на анксиозната состојба. Во овој период многу повеќе време се поминува дома и ако од претходно семејниот систем не бил стабилен и балансиран, во овие моменти дома се потенцираат конфликтите.

Психологија

Многу често непрепознавањето на емоциите, како тага, страв, очај, лутина, е во суштината на анксиозноста. Затоа во справување со истата за почеток е важно да се уважи состојбата (стресот е нормална реакција на нешто вака големо), да се именуваат емоциите и истите да се почувствуваат. Со тоа го враќаме контактот со себе и моментот во кој се наоѓаме.

На телесно ниво многу помагаат различни техники за дишење и мускулна релаксација. Физичката активност исто така помага во регулирање на хормоните кои ја одржуваат анксиозноста.

Структурирање на времето и обврските, искрен однос со себе и личните приоритети помагаат да не се западне во очај и чувство на безизлезност. Може да се работи на развој на нови навики, вештини, учење нешта од интерес, враќање на некои стари, заборавени интереси како цртање, танцување, јазици и сл.

Исклучително важна е постојана комуникација меѓу семејните членови. Создавање на безбеден простор за децата на секоја возраст, а и возрасните да може да искажат чувства, грижи, фрустрации. Заеднички активности – гледање филмови, готвење, редење сложувалки, читање книги – помагаат во зајакнување на чувството на безбедност и припадност. Помош за децата во именување на своите чувства, преку цртежи, игра на улоги, употреба на „термометри“ за оценување на нивото на некоја емоција им овозможуваат на децата да се чувствуваат видени и разбрани.

Водењето на дневник, е активност која помага да сме присутни за личните процеси и состојби. Дозволата за пауза е важна да си ја даваме, преку одмарање, читање книга, гледање филм, прошетка.

Психологија

Поддршката од стручни лица во ова време е особено важна. Изминатата година искуството покажува дека бројот на обраќања за психолошка поддршка е зголемен. Од една страна лицата кои и претходно оделе на терапија, продолжуваат поинтензивно, а од друга страна пак постојат и такви кои прв пат се охрабруваат да побараат ваква поддршка. Еден таков простор е платформата Разговор.мк каде може да се најдат многу психолози кои со својата стручност и искуство може да помогнат во справување на овие состојби.

Гостински текст на Јасмина Михаиловска, лиценциран психолог.