Од „болест“ до благосостојба: Трансформација на анксиозноста кај наша млада писателка

Четврток, 11 Март 2021 21:30

За жал не сум ни свесна кога таа точно се појави во мојот живот, но знам дека се справувам со неа откако знам за себе.

Марија Прличкова

Уште како помала, бев поповлечена од другите, се тргав настрана и бев прилично срамежлива, што е нормално за дете на возраст. Но, она што подоцна го разработив како почетен проблем е мојот селективен мутизам уште од најмала возраст, кој продолжи да ме следи низ годините.

Анксиозноста, за којашто не бев свесна како помала, доживеа експанзија во основно училиште кога запознав нови другарчиња. Паралелно посетував курс по англиски јазик и таму имаше цврста подлога за развивање на мојата состојба. Па така, во една прилика, кога не можев точно да го изговорам зборот на англиски, соучениците почнаа да ми се смеат и јас истрчав во тоалетот и се заклучив. Потоа мораше да дојде учителката да ме „собере назад“. Тогаш имав осум години и веќе на некој начин доживеав паничен напад. А, не бев ни точно свесна за мојата состојба и паничните напади.

Вториот посериозен паничен напад го добив на училиште кога требаше да полагам математика. Заминав на испитот и влегов во училницата. Одеднаш ми се слоши, знаев дека ќе се онесвестам. Тоа веќе ми се имаше случено неколку пати. Ја замолив другарката да одиме до тоалетот, но таа ме одби. Се плашеше дека ќе ја налутиме професорката. Смогнав сили и отидов лично да ја прашам. Таман реков: „Лошо ми е, може ли да одам до тоалетот да се замијам?“, ме облеа ладна пот. Одеднаш косата ми се изводени. Таа бргу викна по колешките, ми дадоа бонбона, но безуспешно. Потоа нејзина колешка ме поведе до кабинетот на професорите. Таман сме се качиле, сум се онесвестила. Се разбудив и околу мене видов насобрани професори, како и директорот. Во меѓувреме повикале брза помош. Додека им објаснував што се случи, стигнаа сестрите. Ми дадоа инјекција за првпат во живот и ми објаснија дека најверојатно сум се онесвестила од страв и сум имала паничен напад. Но, не придадов некое поголемо значење.

Како созревав јас, така созреваше и мојата состојба. Во средно се запознав со нови предизвици, односно нови стравови и панични напади. Кон крајот на четврта година добив агорафобија (страв од отворен простор и јавни места), откако се онесвестив на музички хепенинг. Почнав да избегнувам јавни собири, се гушев дури и на отворен простор меѓу поголема толпа луѓе, а одењето во дискотеки и концертни сали беше мисловна именка, не можев ни да замислам да отидам на некое такво место.

На факултет почна да ми станува сеедно за останатите што мислат за мене и се фокусирав на себеси. Полека почнував да се опуштам и да излегувам почесто. И секој испит го завршував во рок, сѐ додека не воведоа усно полагање и беше задолжително. Полагањето испити ми стана ноќна мора. Иако учев по цели денови и ноќи, сепак кога професорот ќе ми поставеше некое прашање, се блокирав и не можев ништо да проговорам. Како сето знаење дотогаш да ми одлета во ветер. Состојбата рапидно се влошуваше. Толку беше неподносливо што дури не ги ни прашував професорите за појаснување ако нешто не ми е јасно.

Марија Прличкова

Потоа се вработив, почнав да работам со луѓе и малку по малку се подобрував во комуникацијата со останатите. Некаде година и пол од моето вработување го запознав Емил, мојот партнер. Тој веќе беше добро запознаен со анксиозноста и ми посочи дека и јас патам од неа. При разни примери од минатото, дојдовме до заклучок дека најчесто сум колабирала како последица на паничните напади. Откако се појави тој, исчезнаа и колабирањето. Дотогаш се имав онесвестено преку десет пати, на најразлични места, па дури и на улица.

Како течеше времето, така повеќе истражував за анксиозноста и паничните напади. Почнав да читам повеќе стручна литература поврзана со таа тема. Заедно со Емил ги истражувавме корените на мојата анксиозност. „Зошто почнала и како? Кои се причините и како да ја ублажиме? Како да превенираме паничен напад“, беа дел од темите со кои се занимаваме првата година од нашата врска.

Емил ми стана психијатар, ме водеше на лични сеанси со месеци. Буквално со него почнав од нула, се чувствував како повторно да имам шест години, па дванаесет. Растев низ разговорите.

Анксиозноста не престана никогаш и верувам дека ќе ја носам до крајот на животот. Но ја прифатив како состојба на умот. И сега знам дека никогаш не сум била ниту луда, ниту глупава, ниту сум имала некакви невролошки проблеми. Сум страдала од состојба од која страдаат многумина, а не се ни свесни за тоа.

Преку анксиозноста, дознав и за дислексијата, од која исто така страдам, што ги објаснува моите блокирања на часовите и моите потешкотии при читањето на англиски зборови. Повеќе не ми е табу ниту првата, ниту втората состојба.

Марија Прличкова

Затоа решив уште пред две години посериозно да се позанимавам со овие теми, особено со анксиозноста која ми е поблиска. Oд неодамна отворив и личен сајт каде што се трудам да ги доближам останатите до оваа состојба.

Позитивно сум изненадена од тоа како бев прифатена од околината, откако јавно проговорив за неа. После моето гостување на телевизиска емисија, добив бројни пораки од загрижени граѓани кои имаат анксиозност или познаваат некој кој има. Сѐ почесто почнав да пишувам на таа тема и токму затоа основав сопствена платформа (вебсајт) посветена на проблемите со оваа состојба.

За жал, сè уште е табу. И многумина ја карактеризираат како болест, дури и по медиуми често се прави таа брутална кардинална грешка. Луѓето се стегаат и се срамат, а немаат потреба. Тоа е нешто нормално. Треба да се срамат оние кои ги осудуваат луѓето со анксиозност, а не обратно.

Како паталец, мој основен совет за секој оној што страда од оваа состојба е да ја прифати како дел од секојдневието и да превенира кај стручно лице (психолог) за можно понатамошно третирање. Одењето кај психолог/психијатар треба да е најнормална работа како во странство, каде луѓето имаат дури и свои матични психијатари. Разговорот со него може само да помогне. Тој вистински ќе ја насочи личноста и нема да дозволи состојбата да стане хронична и неподнослива. Токму затоа, анксиозноста станува проблематична кога не се третира, туку само се игнорира, односно не се презема ништо за нејзино намалување или справување.

Гостински текст на Марија Прличкова

Најчитани

Соновник

Најчест сон за вчера беше: Мртовец

Цагери

Следен цагер

Цагери Понеделник - 10:10 - Се сакате двајцата