За секој од нас ова претставува стресен период, бидејќи никој не влегол опремен со информации како точно да се справуваме со КОВИД-19 пандемијата. Сите се соочуваме со стравови и анксиозност од она што за нас претставува непредвидлива иднина. Покрај стравовите од заразување со вирусот, се соочуваме и со економска нестабилност, стравување од невработеност и загуба на приходите. Сè ова го зголемува стресот и предизвикува проблеми со менталното здравје кои се воочливи и на дневна основа. Овој вирус претставува непозната територија за сите нас и не е потребна дијагноза за да си ги воочиме и потврдиме чувствата на стрес и несигурност.
Подобрувањето на нашите внатрешни вештини за справување со вакви неизвесни ситуации е најдобра одбрана за управување со нашето ментално здравје за време на пандемија од COVID-19. Ако целиме кон градење на емоционален имунитет кон стресот, мора да внимаваме на основните двигатели - како спиење, вежбање и исхрана за да можеме да си создадеме една основа за емоционална здравствена состојба.
Воспоставете рутина
Направете си распоред и обидете се да се држите до него секојдневно. Рутината е навистина важна при управување со вашето ментално и физичко здравје. Може да започнете и од најмалите обврски, како прошетка на домашното милениче, чистење на домот или пронаоѓање на ново хоби кое ќе го вметнете во вашата секојдневна рутина.
Јадете здраво
Свежата здрава храна, како овошјето и зеленчукот, се важни за управување со вашата физичка и ментална благосостојба. Избегнувајте храна со висока содржина на маснотии и шеќер која нуди празни калории.
Внесот на витамини ќе влијае позитивно врз вашето тело, ќе се чувствувате полесно од здравиот избор на оброци, а притоа ќе си го зајакнете и имунолошкиот систем.
Вежбајте
Одете на свеж воздух и вежбајте. Можеби нема да можете да одите во теретана во овој момент, но има многу вежби и часови на Интернет што можат да ви помогнат за подигнување на расположението. Сега е моментот да дојдете до посакуваната линија, посветете го вашето внимание на изучување нови вежби и нивно совладување, за многу краток временски период тие ќе ви станат рутина од која не можете да се одделите.
Јога вежбите се од клучно значење во овој период, тие можат да помогнат во зајакнување и на менталното и на физичкото здравје, навидум изгледаат лесни, но бенефитите се незаменливи.
Или едноставно излезете и пешачете, притоа бидете свесни за социјалното дистанцирање, носете маска или одете на планина каде нема многу луѓе во ваша близина.
Направете интересна плејлиста
Направете плејлиста од омилената музика. Таа може да ви помогне да го подигнете расположението и да ја намалите вознемиреноста и анксиозноста. Сега е одличен период за истражување нова музика, симнете цел албум и преслушајте ги песните, никогаш не знаете каде ќе си го пронајдете новиот хит.
Покрај музиката, филмовите и сериите се одлични за исклучување од секојдневието - пуштете си некоја комедија и предадете се на смеата и позитивната енергија.
Воспоставете врски
Пронајдете нови начини за поврзување со семејството, пријателите и колегите.
Една од најголемите грижи која се појавува кај луѓето е изолацијата што сите ја чувствуваме од константното седење дома. Исконтактирајте ги пријателите преку социјални медиуми, телефонски повици или Facetime. Овие алатки можат да ни помогнат да се чувствуваме поврзани.
Сега можеме да ги обновиме сите врски и пријателства за кои сме тврделе дека немаме време поради преголемата зафатеност од работа, обврски и брзиот животен стил кој го имавме.
Негувајте го вашиот дух
Не го игнорирајте вашето духовно здравје. Медитацијата, верата и молитвата се важни во вакви моменти. Не ни е потребна црквата за да можеме да се помолиме за здравје и среќа. Одделете дел од денот каде ќе се поврзете сами со себе и ќе се заблагодарите за сите убавини што ги имате и ќе си ги насочите позитивните мисли кон сите оние убавини кои допрва сакате да ви се остварат.
Обидете се да не се фокусирате на работите што не можете да ги промените во моментот. Наместо тоа, фокусирајте се на работите што можете да ги контролирате. Никогаш не плашете се да побарате помош, без разлика дали станува збор за некоја блиска личност или повик на СОС телефонска линија - останете поврзани! Само така ќе можеме многу полесно да ги пребродиме и најтешките период.