Говор на телото: 5 лоши навики кои најчесто ги правиме

Вторник, 04 Август 2020 10:00

Нашето тело има свој јазик, а понекогаш може да зборува и многу погласно од зборовите. Говорот на телото, односно вашата положба, одредени движења или навики кои ги правите, кажуваат многу за вас. Понекогаш одредени навики кои луѓето несвесно ги прават оставаат лош впечаток.

Овие лоши навики можат негативно да влијаат во секојдневната комуникација, но и значително да ја нарушат сликата за вас на разговор за работа и да ја расипат вашата деловна иднина.

Луѓето кои знаат да комуницираат користејќи ги тие невербални сигнали, имаат повисоко ниво на емоционална интелигенција.

Положба на телото

Држењето на телото кажува многу за вашето ниво на самодоверба. Најчесто, згрчената положба на рамениците ќе покаже дека вие се чувствувате несигурно. Потрудете се да седите со исправен грб за да добиете позиција на моќ и да изгледате посамоуверено.

Положба на рацете

Во каква положба се вашите раце и нозе е исто така еден од важните фактори. Кога седите со вкрстени раце, испраќате јасни сигнали дека ви е здодевно, не сте отворени за интеракција или дека не сте заинтересирани за она што другото лице го зборува.

Не ја допирајте косата

Ако сте една од оние кои постојано ја допираат косата, си играат со неа или се обидуваат да ја поправат цело време додека другите зборуваат со вас, заборавете на оваа лоша навика. Постојаното поправање на косата само ја покажува вашата несигурност. Престанете да ја допирате косата и обидете се да се фокусирате на комуникацијата чувствувајќи се природно.

Контакт со очи

Ова е веројатно најважната работа која треба да ја научите. Премногу интензивен очи во очи контакт може да го заплаши вашиот соговорник. Меѓутоа, ако го избегнувате погледот на соговорникот тоа испраќа порака дека нешто криете. Обидете се да изгледате природно за да не испратите погрешна порака.

Грицкање нокти

Грицкањето на нокти во ниту еден случај не прави да изгледате претставително. Оваа лоша навика укажува дека сте вознемирени и анксиозни. Покрај тоа што го нарушува здравјето на вашите нокти, доколку го правите додека зборувате со некоја личност, може само да создаде лош впечаток за вас.