7 едноставни начини да помогнете на пријател со анксиозност

Четврток, 22 Октомври 2020 21:45

Статистички податоци објавени во јуни откриваат дека 19 милиони возрасни редовно пријавуваат високи нивоа на нарушено ментално здравје.

Справувањето со овие потешкотии е секогаш тешко, без разлика дали страдате вие или некој близок. Пријателите и роднините на оние кои доживуваат висок степен на анксиозност можат да се чувствуваат немоќно да помогнат, и самите доживуваат стрес и грижа во тој процес. Но, постојат некои едноставни начини на помош, а искажаната поддршка и пријателство може навистина многу да помогнат, дури и ако тоа не е секогаш очигледно. Погледнете како можете да му помогнете на анксиозниот пријател.

Слушајте внимателно и со сочувство

Прашајте го вашиот пријател како се чувствува и ислушајте го во целост, без да размислувате во тој момент како ќе одговорите. Вежбајте да бидете тотално присутни во моментот, воочете ги нивните чувства и заблагодарете им се што ги споделиле со вас. Избегнувајте фрази како „ќе помине ова“ или „добро си“.

Не обидувајте се да ги "поправите"

Запомнете дека никој не е скршен. Вашиот пријател веројатно веќе направил многу истражувања во обид да ја разбере својата вознемиреност, па затоа, навидум добронамерните предлози може да ги почувствува како дополнителен товар. Наместо тоа, прославете ги нивните лични победи кога знаете дека тие постигнале нешто особено тешко. Исто така, не треба да ги криете сопствените проблеми од нив затоа што сте загрижени дека ќе бидат премногу за нив и дека не можат да се справат. Намерата можеби е љубезна, но сите можеме да осетиме кога некој крие нешто од нас, што прави да не се чувствуваме добро.

Разберете дека анксиозноста кај секого изгледа различно

Анксиозноста може да се манифестира како длабок замор, но, подеднакво, може да предизвика и несоница. Може да се доживее како немир, вознемиреност и неможност за концентрација. За некои предизвикува раздразливост, а за други ирационални стравови. Додека пак, некои доживуваат застрашувачки болки во градите и непријатна напнатост во мускулите. Разновидните, а понекогаш и погрешно разбрани симптоми кај анксиозноста се вистински, затоа имајте го ова на ум и кажете му на вашиот пријател дека во целост го разбирате тоа.

Прашајте ги што им треба

Постојат различни начини на справување со анксиозноста. Медитација и вежби за дишење, на пример, се корисни за многу луѓе, може да бидат за вас, но тие не мора да значи дека ќе му помогнат и на вашиот пријател. Некои луѓе треба да направат нешто активно, како трчање, за да осетат позитивни промени. Прашајте го вашиот пријател што функционира кај него и како можете да помогнете.

Редовно проверувајте ги

Ако изгледаат вознемирени кога сте заедно, прашајте ги за тоа. Ставајќи го ова прашање на маса, им давате до знаење дека со вас секогаш има простор за разговор околу нивната вознемиреност и анксиозност, не треба да се избегнува оваа тема и тие не ви претставуваат товар. Можете исто така да прашате дали има нешто што би можеле да направите за да помогнете, сепак, понекогаш среде паника можеби им е тешко да знаат што може да биде тоа. Ако не се сигурни, понудете заедно да одите на тивко место или да прошетате надвор.

Бидете свесни за вашето влијание

Ако доцните, кажете им. Подеднакво, ако немате време да одговорите на е-мејл или порака, дадете брзо објаснување за да не останат во неизвесност и да се грижат. Анксиозноста може да биде внатрешен натрапник, ги убедува луѓето дека се нечиј товар. Потрудете се свесно да ги уверите дека не е така. Едноставна реченица како „Сакам да се дружам со тебе“ (и не само кога се смирени) ќе им значи многу.

Држете ја својата дистанца

Секогаш запомнете дека е важно да се грижите и за самите себе. Кога тие ќе побараат повеќе отколку што можете во тој момент да дадете, известете ги. На пример: “Те сакам. Не можам да разговарам сега, но ајде да испиеме кафе утре во 14 часот.“