Секогаш успева: Најдобриот рецепт за брзи и вкусни чоколадни мафини

Недела, 29 Ноември 2020 10:00

Направени од едноставни состојки, овие чоколадни мафини со кремаст фил ќе бидат вашиот нов омилен десерт.

Потребно време:

  • За подготовка: 25 мин
  • За готвење: 20 мин
  • Вкупно: 3 часа 
  • Количина: 12-14 колачиња

Состојки:

  • 3/4 чаша (95g) сенаменско брашно
  • 1/2 чаша (45g) незасладено какао во прав
  • 3/4 лажиче прашок за пециво
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 1/4 лажиче сол
  • 2 големи јајца, на собна температура
  • 1/2 чаша (100g) бел шеќер
  • 1/2 чаша (100g) кафеав шеќер
  • 1/3 чаша (80ml) растително масло или стопено кокосово масло
  • 2 лажички чист екстракт од ванила
  • 1/2 чаша (120ml) слатка хопла, на собна температура

За фил:

  • 1½ чаши путер, омекнати
  • 1 чаша какао
  • 5 чаши шеќер во прав
  • ½ чаша млеко
  • 2 лажички екстракт од ванила
  • ½ лажичка еспресо во прав

Начин на подготвка:

Загрејте ја рерната на 180°C. Поставете тавче за мафини со 12 калапи со облога за колачи (хартија за печење). Од количината на состојките во овој рецепт се добиваат околу 14 мафини, па може да го повторите истиот процес на уште едно помало тавче, доколку сакате да добиете поголем број мафини.

Изматете ги брашното, какаото во прав, прашокот за пециво, сода бикарбона и солта заедно во голем сад додека не се соединат. Во сад со средна големина изматете ги јајцата, белиот шеќер, кафеавиот шеќер, маслото и ванилата заедно додека не се соединат. Истурете половина од влажните состојки во сувите состојки. Потоа половина од хоплата. Нежно промешајте неколку секунди. Повторете ја постапката со преостанатите влажни состојки и хоплата. Мешајте додека не се соединат, но не премешувајте.

Истурете или со лажица ставете од тестото во малите калапи обложени со хартија за печење. Пополнете само до половина, за да избегнете прелевање од страните кога ќе почнат да се печат.

Печете 18-21 минути, или додека чепкалка за заби вметната во центарот не излезе чиста. Оставете да се изладат целосно пред да го нанесете филот.

За подготовка на филот во миксер матете го путерот со средна брзина додека не стане кремаст - околу 2 минути. Додадете шеќер во прав, какао во прав, млеко, малку сол и екстракт од ванила. Мешајте на мала брзина 30 секунди, а потоа зголемете ја брзината и матете 1 цела минута. Додадете го еспресото во прав и доколку смесата ви изгледа премногу течна додадете уште малку шеќер во прав или лажица млеко ако филот е премногу густ.

Земете слаткарски шприц (можете да искористите и ќесе за замрзнување на кое ќе му го исечете ќошот) за декорација на фил и нанесете го филот со кружни движења врз изладените мафини.

Мафините можете да ги украсите како ќе посакате. Можете да издрендате и малку чоколадо врз самиот фил или да го украсите со чоколадни трошки.

Чувајте ги во фрижидер до 5 дена и уживајте во најмеките и највкусни мафини што сте ги пробале.