Не мора да купувате, направете сами: Крем сирење со само две состојки

Среда, 02 Декември 2020 10:00

За да направите сами крем сирење потребни ви се само две состојки, кои веројатно веќе ги имате дома. Полномасно млеко и сок од лимон – можете да додадете и малку сол. Ако сакате, по избор можете да додадете и билки, бибер, чили и разни други зачини.

Состојки:

  • 2 литри полномасно млеко (најдобро да е домашно)
  • сок од два лимони или 1/3 чаша дестилиран бел оцет
  • лажичка сол
  • по вкус - сушени билки, лук во прав, чили и останати зачини
  • газа или сито со фино решетка.

Подготовка:

Истурете го млекото во тенџере. Загревајте го на средна топлина и доведете го до точка на вриење.

Веднаш штом ќе зоврие, додадете го сокот од лимон и потоа исклучете ја ринглата.

Тргнете го тенџерето настрана неколку минути додека млекото не почне да создава грутки. Ќе забележите како се формираат грутките и се одвојува жолтеникава течност.

За неколку минути, грутките треба целосно да се формираат. Истурете ги грутките од сирење во газата за да се исцеди целата течност.

Алтернативно, можете да користите дупчена лажица за да ги извадите сите грутки, оставајќи ја течноста во тенџерето.

Исцедете ги грутките од сирењето што е можно повеќе, за да се исцеди до последна капка течноста и додадете ги во блендерот. Овде можете да додадете сол по вкус.

Во рок од 1-2 минути (ова може да варира, во зависност од тоа колку е моќен вашиот блендер) ќе имате лесно и меко крем сирење.

Ако сакате да додадете дополнителни билки/ароми, направете го тоа во овој дел од подготовката.

Чувајте го крем сирењето во убаво затворен сад во фрижидер до 7 дена. Можете и да го замрзнете, но текстурата при одмрзнување почнува да се рони, па во тој случај најдобро е да се користи кога ќе  готвите нешто како сос.