Ако помислата да стоите долго покрај шпоретот и да пржите во тава полна со масло ве одвлекува од правењето крофни, ние имаме совршен рецепт за вас, што е нешто сосема различно од стандардниот начин на правење.
Потребни состојки:
- 600гр. брашно
- 3 лажички шеќер
- 5 јајца
- 200мл. топло млеко
- 150гр. стопен путер
- коцка свеж квасец
- сок од еден лимон
- изрендана кора од половина портокал
- едно пакување ванилин шеќер
- 1/3 лажичка сол
- мармалад или чоколаден крем за полнење
- шеќер во прав
Начин на подготовка:
Ставете го квасецот во топло млеко и додадете лажица шеќер. Оставете да се пени и стопете го путерот, па потоа оставете го малку да се излади. Во поголем сад ставете брашно, шеќер, ванилин шеќер, рендана кора од портокал, сок од лимон и путер. Матете ја смесата со миксер, додавајќи ги јајцата едно по едно. На крај додадете малку сол и оставете го тестото да отстои еден час. Вклучете ја рерната на 180 степени.
Два плеха обложете со хартија за печење и истурете го нараснатото тесто на набрашнета површина. Тестото развлечете го во дебелина од 3 до 4 сантиметри и извадете ги крофните со чаша, кои потоа ќе ги обликувате во мали топчиња распоредени на плехот за печење. Оставете ги крофните на топло покриени со крпа и оставете ги да отстојат околу 40-тина минути. Кога ќе се подигнат, ставете ги во претходно загреана рерна и печете 15 до 20 минути додека не добијат златна боја и кога малку ќе се оладат, наполнете ги со фил по ваш избор и наросете ги со шеќер во прав.
После печењето, крофните се меки и не се мрсни како оние што се пржат и на кои има крцкава или тврда кора. Нема повеќе непотребно стоење и вртење, изгореници од врело масло и многу маснотии.