Не се случува толку често бразилскиот супер модел Жизел Бундшен да ви шепне нешто релаксирачко на уво. А, кога ќе го стори тоа, подобро да слушате. Особено ако каже нешто како: „Сè ќе биде добро. Секогаш. Без разлика на се". Неодамна, Жизел ги здружи силите со тим што работи на апликација за медитација, наречена Insight Timer, и ја започна својата прва водена медитација.
Часовите за медитација што ги води имаат соодветно име - Надеж во време на неизвесност. Преносот оди во живо, а секој месец Жизел изјавува дека ќе продолжи да додава нови бесплатни сесии на апликацијата и во наредните месеци. Часовите за медитација се занимаваат со стрес, вознемиреност и сон - работи што беа проблем за повеќето луѓе во последните месеци. Може да се каже дека времето не може да биде посоодветно од сегашново.
Првата медитација трае 14 минути. На самиот почеток, Жизел ќе ве замоли удобно да се сместите, да ги затворите очите и да се фокусирате на дишењето. Додека го правите тоа нејзиниот смирувачки глас делува постепено на намалување на напнатоста во вашето тело и имате можност да се фокусирате на работите околу вас и во вас.
Како што продолжува медитацијата, вашата нова пријателка Жизел ќе ве охрабрува да ја визуелизирате позитивноста и оптимизмот, нуркајќи се подлабоко во себе со секој нов здив. Ќе ви каже нешто како: „Дозволи и на свеста од бучавата во главата да допре до тишината во твоето срце“, како и „Запомнете, вие сте божествено суштество и ве сакаат“.
Како да е неверојатна магија, меѓутоа не изгледа воопшто излитено и бесмислено кога Жизел го кажува тоа. На крајот, ќе сфатите дека многу продуктивно ги поминавте вашите 14 минути. Останува само да сфатиме што да правиме со останатото време во денот.
Една од најубавите жени во светот практикува јога скоро половина од животот. Долго време се соочувала со панични напади, се додека не се запознала со светот на медитацијата и јогата. Придобивките од јогата одат далеку од губење на тежината и намалување на ризикот од болести.
Сопругата на ѕвездата на американскиот фудбал Том Брејди, постојано има апели и ги повикува своите следачи на социјалните медиуми да се приклучат во глобална медитација за ширење љубов, мир и хармонија среде пандемија на коронавирус, споделувајќи фотографии во разни зен пози.
„Многу луѓе не ја разбираат суштината на земјата, храната што ја јадеме и водата што ја пиеме. Уште повеќе од нив веруваат дека имаме право да земеме сè што ни дава природата. Не, немаме! Сите мора да придонесеме за иднината на нашата планета. Ова е нашата земја. Нашата вода. Ова се наши дрвја. Нашата иднина. Ако имаме намера да продолжиме да живееме на оваа планета, наша должност е да ги засукаме ракавите и да направиме нешто корисно. Наше е да ја заштитиме Земјата и да се спасиме. Ние сме тие што чекаат. Нашата иднина е во наши раце“, вели Жизел.