Да бидеме реални - веројатно не сте биле многу нашминкани оваа година. Годинава најмногу престојуваме дома, носиме лежерна облека и покриваме половина од лицето со маска за лице. Од овие причини, можеби немавте можности да се шминкате како што тоа го правите вообичаено. Но, со празниците пред нас - веројатно најгламурозното време од годината - совршен изговор е да се вратите на шминкањето.
Празничните забави нема да изгледаат исто годинава, што значи дека и гламурот нема да биде ист. Без разлика дали вашите собири ќе бидат со социјална оддалеченост или целосно виртуелни, можете да ги користите овие забавни трендови за зимска шминка за да создадете изглед што ќе ве натера да се чувствувате барем малку вратени во нормала. Се разбира, ако се упатувате на забава со физичко присуство, се надеваме дека задолжително ќе носите маска - што значи дека имате можност целиот фокус да го ставите на вашите очи. И, ако славите зад вашата веб-камера, тогаш можете да го нашминкате целото лице користејќи некои од трендовите на оваа сезона.
Едни од најбараните славни уметници за шминка ни покажуваат како мислат дека ќе изгледаат најголемите трендови за зимска шминка, од драматична сенка за очи до сјајна кожа. Погледнете ги и направете го вашиот избор за празничен изглед:
Издолжено мачкино око
Мачкините очи се лесен и секси начин да ги разиграте очите и да се чувствувате софистицирано. Можете да пробате со природна варијанта или максимално драматично.
Впечатлива боја на сенка
Имате слобода да ја изберете било која мат боја за да ја нанесете на вашите очни капаци. Фокусирајте ја бојата на средината од капакот, а блендирањето направете го со кафенкаста нијанса која се вклопува со вашата боја на кожата. Завршете го изгледот со кармин во „кожа“ боја за акцентот да остане на очите.
Меки 'немирни' веѓи
Со четкање на веѓите нагоре влакната остануваат исправени. Ова го менува обликот на лицето и создава изглед на кренати црти. Ефектот можете да го постигнете со гел за прицврстување на веѓите.
Порцелански сјај
Зимата обично ни носи повеќе мат изгледи кога станува збор за кожата, но промената со давање сјај на кожата ќе биде огромен тренд оваа сезона. Нанесете руменило и бронзен сјај над јагодиците одејќи од слепоочниците до носот, потоа нанесете хајлајтер врз горниот дел од јагодиците или точно на местата каде најмногу ви паѓа природната светлина. Ова додава димензија и длабочина на вашиот изглед.
Графички линии во боја
Ова е одличен начин да играте со малку боја без да мора да ја совладувате уметноста на блендирање на сенките. Најдобро од сè, нема правила! Фактот дека можете да играте и со бојата и со формата помага во менување на обликот на окото.
„Заборавен“ ајлајнер
Ова е размачкан, изблендиран изглед што може да го постигнете со само еден лесен производ - моливче за очи. Побарајте мек молив што ќе ви даде малку повеќе време за работа. Нанесете го моливчето и користете четка за размачкување за да ја создадете посакуваната форма. Нема правила, што по „неуредно“ го направите блендирањето, тоа подобро ќе го постигнете ефектот, притоа можете да користите секаква боја на моливче, не мора да се држите до класичната црна боја за ајлајнер.