Како да разговарате со вашите тинејџери за сексот

Недела, 20 Септември 2020 22:20

Октомври е Национален месец за сексуално образование. Експертите нудат неколку предлози за тоа како полесно да се опфати оваа тема и да се минимализира срамот од страна на родителите кои треба да ја започнат темата, но и од страна на тинејџерите кои не секогаш сакаат да разговараат со своите родители на истата.

Sex talk

Идеално, разговорот со вашето дете за секс започнува веднаш штом ќе достигнат возраст на која се вербални. Но, овде нема место за паника! Тоа едноставно значи дека во текот на предучилишната возраст и во текот на основното образование, ги едуцираме за деловите на телото според нивните вистински имиња и функции и притоа одговараме на секое прашање со лесни и информативни факти. Експертите за развој на деца сугерираат родителите да одговараат на прашањата искрено и фактички, соодветно на возраста. Кога детето ќе се приближи до адолесценцијата, несомнено доаѓаат на ред темите како пубертет, врски, сексуални чувства, како и притисок од врсниците. Основата за овие понекогаш емотивно оптоварени дискусии е искрена, отворена комуникација. Значи, како родители, вашиот примарен фокус е да воспоставите позитивна, доверлива, реципрочна комуникациска шема со вашето дете - колку порано, толку подобро!

Штом дојдат на ред тинејџерските години, подгответе се! Запомнете дека родителите се највлијателните наставници на детето. Децата го разбираат светот гледајќи го вашето однесување и реакции на другите. Факт кој е поддржан од многубројни истражувања е дека нашата невербална комуникација (тонот, гестовите и говорот на тело) може да има поголемо влијание од зборовите што ги зборуваме. Имајќи го ова на ум, треба да се напомене дека децата најчесто го повторуваат она што родителите го прават, а не она што им е кажано да го направат. 

Затоа, да бидеме удобни со сопствената сексуалност и да моделираме одговорно однесување е првиот чекор во отворањето на вратата за разговор на теми поврзани со секс. Темите за љубов, брак, секс и посветеност нека бидат дел од вашите рутински разговори. Користењето реченици каде го искажувате вашето мислење, без притоа да делува дека му наредувате на вашето дете е одлична алатка за родителите, за олеснување на овие разговори. Едноставно употребете реченици кои започнуваат со (Мислам дека...; Знам дека...; Чувствувам дека...) и пополнете ги празните места.

На пример, можете да кажете: „Мислам дека тинејџерите многу размислуваат и зборуваат за секс...“ и потоа почекајте вашиот тинејџер да одговори. Ако ве погледнат со празен поглед и не кажуваат ништо, вие како родител сепак сте започнале комуникација каде отворено разговарате за сексот. Ако тие одговорат: „Не, не размислуваме/зборуваме“ повторно започнавате разговор што едноставно се заснова на она што го мислите и набљудувате. Ова е совршено време за јасно изразување на сопствените морални вредности. Повторно, држете се до кратки и искрени реченици, каде ќе го кажете вашето мислење отворено. 

За време на овие години кога тинејџерите се бомбардирани со пораки од медиумите и интернет порталите поврзани со сексот, тие навистина сакаат да знаат кои се правилните информации кои би им биле од полза и ќе им помогнат да се развијат и да го зајакнат сопствениот систем на вредности. Ова е исто така време за комуникација во која што ќе посочите дека верувате во нив и нивните постапки - дека тие ќе бидат одговорни и ќе направат добар избор, едноставно сте овде за нив да ги псоветувате и да им одговорите на секое прашање кое го имаат за вас.

Sex talk

Во вашите разговори за сексот со вашите деца-тинејџери, потребно е да зборувате за сите делови на љубовта т.е. привлечност, приврзаност, почит, среќа, чувство на поврзаност итн. Вистината е дека е во самата природа на многу адолесценти да бидат исклучително љубопитни и желни за дополнителни информации, но и исплашени од чувствата и промените. Родителите треба да дадат фактички информации и да ја почитуваат способноста на своето дете-тинејџер да ги искористи најдобро што може. Тука е важно да посочиме дека можат да изберат што да прават и како да постапуваат кога ќе им се појават овие сексуални чувства. Зајакнувањето на ова верување го поттикнува тинејџерот да прави добар и промислен избор.

Вистинските зборови што ги користите за да разговарате со вашите тинејџери за сексот не се толку важни како ставот што го пренесувате. Ако покажувате отвореност за да слушнете што точно тие мислат и чувствуваат и одговарате со искрени одговори, адолесцентот најверојатно и следниот пат ќе дојде кај вас за совет. Родителите треба да избегнуваат класични предавања на своите деца, без разлика на возраста. Отворениот дијалог е многу поефикасен, затоа што покажувате разбирање кон вашето дете и желба да ја сослушате и неговата страна. Забраните од страна на родителите нема да го запрат сексот. Отворениот дијалог за сексуалноста, сепак, ќе има позитивно влијание врз здравото донесување одлуки и одговорното однесување. Се разбира, вашите сопствени вредности и она што го знаете за вашиот тинејџер влијае многу на она за што би зборувале и колку би зборувале во областа на сексуалноста. 

Една од клучните теми за кои треба да дојдете подготвени со информации како родители е репродуктивниот процес и контрацептивните методи. Без разлика дали сакате да го усмерите вашето дете кон апстиненција, кондоми или контрацептивни таблети, важно е тинејџерот да ги разбере ризиците и придобивките од секој од нив. Тинејџерите исто така треба да ги знаат и фактите за сексуално преносливите болесни, овде може да помогне матичниот лекар, кој како стручно лице ќе го информира вашето дете за ризиците од СПБ, начините на превенција и како се лечат. 

Sex talk

На кратко, како што се приближувате до тинејџерските години на вашето дете, запомнете дека е важно како родители да:

  1. Бидете подготвени со фактички информации
  2. Избегнувајте да се впуштате во расправии
  3. Побарајте го мислењето на вашиот тинејџер
  4. Покажете дека влегувате во разговорот со став на грижа, наместо со барање на послушност, на пример „Се грижам за твоето здравје и безбедност повеќе отколку што можеш да замислиш.“

Исто така, важно е родителот јасно да ги артикулира границите и очекувањата за својот дом, на пример, полициски час соодветен на возраста, ограничување на социјалните медиуми, одговорност кога е надвор со пријателите и воспоставување на правило за забрана за употреба на алкохол и дрога. Користењето на овие упатства придонесува за доверлива врска што овозможува процут на отворената комуникација!