Од 21-ви мај по изменети протоколи започна со работа еден од најпознатите угостителски објекти во Амстердам, веганскиот ресторан Mediamatic Eten лоциран во стаклена градина со поглед кон амстердамските канали. Се наоѓа во склоп на објектот Mediamatic Biotoop, со посебни оддели посветени на природата, биологијата и уметноста во Амстердам.
Ресторанот нуди прекрасен поглед кон градот, со засебни стаклени градини или како што ги нарекуваат тие ‘Serres Séparées’ доколку сакате интимна и романтична атмосфера. Стаклениците се опремени со маса за двајца која чини 110 евра, а доколку има потреба од трет гостин се доплаќаат дополнителни 40 евра, за вечера за еден пак, ресторанот нуди 40 евра попуст.
Тука можете да најдете исклучиво органска храна од локално производство, и треба да имате предвид дека се служат само сезонски производи од одбрани производители. Доколку сакате ново и несекојдневно угостителско искуство на официјалната страна на ресторанот е отворена апликација за резервации.