Како сега изгледа летањето со авион

Четврток, 18 Јуни 2020 12:36

Ако сте меѓу оние кои со нетрпение го чекаат своето следно патување со авион, имајте на ум дека многу веројатно е летовите да се соочат со промени што ќе бидат повеќе проблематични од оние воведените по нападите на 11 септември 2001 година во САД. Покрај стандардните безбедносни протоколи што тогаш беа воспоставени, сега ќе бидеме соочени и со серија здравствени проверки како последица на коронавирусот.

Авиони

Експертите велат дека последиците од пандемијата врз воздушниот сообраќај ќе бидат долгорочни, додека авиокомпаниите не убедуваат во усогласените мерки со кои ќе се обидат брзо да ја вратат довербата во авиосообраќајот. Првично се мисли на имплементација на специјални системи за вентилација со софистицирани ХЕПА филтри кои ќе имаат задача да го менуваат воздухот во кабината секои 2-3 минути и да спречуваат ширење на контаминиран воздух. Задолжително ќе биде хигиената во авионите да биде на повисоко ниво поради дезинфекција на сите делови во кабинскиот простор, првенствено оние кои се во директен допир со патниците (седишта, потпирачи за раце, појаси за врзување и сл.), после секое слетување.

„Дури и кога превентивните мерки воведени среде пандемијата главно ќе станат минато, некои сепак ќе останат на сила, па патниците на влез во авион ќе мора да чекаат со часови, бројот и капациетот на летови ќе се намали, а со самото тоа и авионските карти ќе бидат поскапи. Покрај тоа, пред полетување ќе прават проверка на здравствената состојба, а патниците ќе мора да носат заштитни маски или шалови“, велат британските авиоексперти.

Потоа аеродромите ќе мора да бидат подготвени и оперативни за „новото нормално„. Влезовите во терминалните згради ќе се контролираат, ќе се обезбеди социјално дистанцирање во секоја фаза од процесот, и хигиената ќе биде на повисоко ниво. Некои аеродроми може да дозволуваат носење поголеми количества течности во авионот во споредба со претходно. Причината за ова е да се поттикне носењето гелови за дезинфекција.

Но, секако најбитниот елемент се патниците кои исто така треба да се подготвени за изменети услови на патување. Она што може да го направите пред да заминете на аеродором е да ја измерите својата телесна температура. Во случај да имате покачена температура, или некои од симптомите за вирусно заболување, НЕ одете на аеродром. Тарифите кои сега ги продаваат авиокомпаниите се далеку пофлексибилни во однос на промените на датумот на патување. Информирајте го вашиот агент, или директно авиокомпанијата пред да започне вашето патување дека сте спречени да патувате поради болест. Почитувајте ги правилата на кои ве упатуваат вработените и персоналот на аеродромот и авиокомпанијата со која патувате. Употребувајте ги термалните камери за проверка на телесната температура, теписоните за дезифекција и диспензерите за дезинфекција на рацете на влезот во терминалот. Резултатите од разните анкети во врска со мерките кои најмногу ќе влијаат на довербата на патниците се:

  1. Носење заштитни маски 48%;
  2. Дезинфекција на авионите по секој лет 43%;
  3. Блокирање на средните седишта 9%;
  4. Забрана на секаква услуга во авионите 0%

Сојузот за меѓународен воздушен сообраќај (IATA) ги советува владите пред патувањето да собираат детални податоци за патниците, вклучително и медицински податоци, и пристапот до аеродромите да го ограничат само за луѓе на кои патувањето им е од итни и неодложни причини. Исто така, препорачуваат адаптација на просторот пред шалтерите за регистрација, да се овозможи потребната дистанца на патниците кои ќе чекаат во редот. Понатаму, вработените задолжително да бидат заштитени со маски и ракавици. Истото да важи задолжително за секој кој влегува во аеродромската зграда. Понатаму велат дека носењето маски при патувањата со авион ќе биде задолжително, но ја отфрлаат идејата да се остава по едно празно седиште меѓу патниците. Ова претставува промена во претходниот став на ова меѓународно тело, кој беше дека освен маски треба да има и физичко растојание меѓу патниците, со оставање празно седиште. Предлозите на ИАТА се случуваат во време на засилена дебата за тоа како авиоиндустријата да продолжи со работа, и покрај големите загуби што ги претрпе поради мерките против пандемијата со Ковид-19.

Некои од останатите мерки вклучуваат редизајнирање на преминот кон авионите за избегнување турканици, побрзо качување и сместување на патниците во авионот, скратување на процесот на собирање на багажот, па дури и можна забрана за чекање во групи пред тоалетите како би се намалила интеракцијата меѓу патниците.