Официјално потврдено после 17 години е дека култната американската серија „Сексот и градот“ ќе добие уште една сезона од 10 нови епизоди, а секоја ќе трае по половина час.
Продуцентите открија дека Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис се враќаат, но не и Ким Катрал – актерката која го овековечи ликот на Саманта. Низ годините постојано се коментираше дека Катрал не е во добри односи со Сара Џесика Паркер и поради тоа не сака да биде дел од продолжението на серијата.
Новото поглавје насловено „And Just Like That ...“ ќе го следи животот на три 50-годишни жени во Њујорк, односно нивните врски, пријателства, кариери.
Актерките веќе споделија на своите социјални мрежи кратка најава за новите епизоди кои ќе започнат да се снимаат оваа пролет во Њујорк.
„Не можев да не се запрашам, каде ли се сега?“, напиша Сара Џесика Паркер покрај објавеното видео на Инстаграм.
View this post on Instagram
Оригиналната серија Сексот и градот, создадена од продуцентот Дарен Стар, е базирана на истоимената книга од Кендас Бушнел од 1997 година.
Премиерно беше прикажана на кабелскиот канал HBO, на 6 јуни 1998, и се емитуваше шест сезони до 22 февруари 2004 година.
За тоа време освои седум награди „Еми“ и осум „Златни глобуси“.
Серијата беше инспирација за два филма - Сексот и градот од 2008 година и Сексот и градот 2 од 2010 година. Двата во режија на Мајкл Патрик Кинг.
Иако беа комерцијално успешни, критичарите не ги оценија најдобро.
Дарен Стар ја продуцираше и серијата на „Нетфликс“ која минатата година постигна голем успех кај публиката, „Емили во Париз“, која многумина ја споредуваат токму со „Сексот и градот“.