На 18 декември почнува петтата сезона на „Преспав“

Среда, 02 Декември 2020 20:30

Хумористичната серија посветена на браќата Бузалевски и нивните авантури во пансионот „Преспав“ досега имаше 4 сезони, а на ред е новата, петта сезона која ќе почне да се емитува на програмата на МРТ1 на 18 декември.

Преспав

Веќе е познато дека изминатиот период се работеа снимањата на новите епизоди, се бараа статисти, оживуваа новите идеи и ликови. Во новата сезона не очекува истата постава на актери, плус се враќа и Миле Бузалевски, односно актерот Владо Јовановски.

За потсетување, првата сезона на „Преспав“ започна да се прикажува во месец октомври 2016 година, а со продуцирање на последните 20 епизоди од четвртата сезона, „Преспав“ одбележа јубилеј – 100 епизоди од најуспешната ТВ серија во македонскиот медиумски простор, која се емитува и пред бројната бугарска публика.

Како што велат од тимот, пансионот „Преспав“ е метафора на реалните општествени случувања во нашата држава, во кои се прекршува балканскиот менталитет од кој ликовите не можат да избегаат и желбата да се почитуваат и да се воспостават европските стандарди. Ова, пак, е причина за многу конфликти и комични ситуации во кој ќе се препознае речиси секој.

Идејата и концептот на „Преспав“ се на продуцентот на серијата Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов Изи, Вардан Тозија и Дина Дума. Сценаријата ги пишуваат: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева од Бугарија и Александра Миланова.