6 работи што се поважни од љубовта во една врска

Петок, 18 Септември 2020 21:30

Навистина е лесно да развиеме силни чувства кон друга личност. Впрочем, љубовта е моќен коктел од емоции и може навидум да делува дека таа е сè што ни е потребно за една врска. Но, експертите се согласуваат дека има многу поважни елемети во врската отколку љубовта. Затоа од суштинско значење за секоја успешна врска е партнерите да ги имаат следните работи на ум:

1. Да си веруваат еден на друг

Не е важно колку ја сакате друга личност - ако не можете да ѝ  верувате, врската нема да успее. Довербата е неопходна за здрава врска и овде не станува збор само за мамење и неверство, туку доверба при споделување интимни информации, простор за ранливост, доверба дека ќе бидат покрај вас и во тешки моменти. Како и сите останати аспекти на една врска, потребно е партнерите да работат на градење на доверба, ако таа не се создаде веднаш, со тек на време, добри намери и отворен разговор ќе си овозможите и вие и вашиот партнер да се чувствувате безбедно во вашата врска и да создадете заеднички начин на градење на довербата.

2. Да се почитуваат

Ова звучи многу едноставно, но дали некогаш сте биле сведоци на разговор од типот - „Не можам да го поднесам!“ „Тогаш, зошто си со него?“ „Затоа што го сакам!“. Ова е едноставен пример за тоа како љубовта може да ве заслепи и да не ја согледате реалната ситуација – во врска сте со некој што не ви покажува почит. Помислата да раскинете со саканата личност звучи премногу болно, па затоа е полесно да се занемаруваат овие навидум мали препреки. Сепак, како што велат експертите, да се почитувате меѓусебно значи да си ги поддржувате меѓусебните разлики. За една врска да биде успешна, имањето исти интереси не е клучно, туку способноста да го разберете партнерот и неговите желби и потреби. Потребно е да бидете навистина присутни со вашиот партнер – без предрасуди, барања и недостижни очекувања.

3.  Да се чувствуваат безбедно во присуство на партнерот

Чувството на безбедност во вашата врска ја надминува секоја форма на љубов. Особено ако станува збор за врска во која партнерот е емоционално, психички или физички насилен.Токсична ситуација е токсична ситуација, без оглед на тоа како се обидувате да ја оправдате. Во случај на било каква ситуација во која не се чувствувате безбедно, потребно е да имате веќе подготвен излез од истата. Затоа е навистина важно задржувањето на блиските луѓе, пријатели и фамилија во вашиот живот, без разлика колку во моментот сте обземени од љубов и сакате целото слободно време да го поминете со вашиот партнер. Одржувањето на овие врски е еднакво важно како и одржувањето на љубовната врска и претставуваат одличен систем на поддршка.

4.  Да ја задржат сопствената независност 

Ако влезете во врска во која постепено заборавате на своите интереси и се откажувате од вашите цели, се со цел да го направите партнерот среќен и да му посветите внимание, тогаш се губите самите себе и се оддалечувате од личноста која сте ја изградиле сè до моментот кога започнала врската. Иако посветувањето на внимание и време кон вашиот партнер не е негативна работа, сепак, како и сите работи што ги правиме во крајност и ова не е оди во полза на една здрава врска. 

Обидете се да ја задржите вашата суштина како личност, вашите желби и интереси и начинот на кој вие најдобро функционирате како поединец, па потоа потрудете се вашите заеднички карактеристики и цели да ги соедините и да функционирате како целина која е составена од две веќе независни и оформени единки.

Охрабрувајќи се еден со друг да посветите повеќе внимание на сопственото хоби, всушност резултира со поголемо чувство на близина и љубов во врската, а притоа таа прераснува во нешто многу позначајно и посигурно.

Може (и треба) да го вклучите вашиот партнер во вашите одлуки, но исто така треба да се чувствувате слободни да одлучите што е најдобро за вас и да си го создадете сопствениот пат кога е потребно. На крајот, фокусирањето на вашата индивидуалност ќе ја зајакне заедничката врска, бидејќи и двајцата ќе се впуштите како целосно оформени индивидуи, наместо да се дефинирате себе си според врската.

5. Да создадат фер партнерство

Нема ништо подобро од тоа да бидете со некој што ви претставува вистински партнер, во правата смисла на зборот. Кога е тоа така, ќе бидете сигурни дека можете да ги надминете сите препреки како двојка, без оглед на тоа што животот ќе ви сервира. Ако врската е нееднаква и само една личност вложува напори, таа брзо ќе оди надолу.

Потребно е да се работи на воспоставување рамнотежа кога станува збор за работи како домашни обврски или емоционална поддршки, затоа што се од суштинско значење за создавање на тип на врска што трае. 

Кога само љубовта се става во центарот, таа може да ги засени и намали другите прашања и чувства, како што се: „Дали сакаме исти работи?“, „Дали добро преговараме?“, „Дали се поддржуваме меѓусебно?“, „Дали сме емотивно достапни?“, меѓу другите. Продолжете да си ги поставувате овие прашања и никогаш нема да почувствувате дека врската ја водите еднострано.

6.  Да работат на своите комуникациски вештини

Комуникацијата е вистинскиот двигател на љубовта, па затоа и не може да има вистинска, трајна љубов без неа. Потребна ви е комуникација во вашата врска за да успеете да поставите граници, да ја изразите вашата љубов, да ги решите настанатите проблеми, да разговарате за вашите потреби, па дури и за да имате подобар секс.

Како што велат експертите, врската може многу лесно да почне да се распаѓа во моментот кога партнерите ќе дојдат до нерешено недоразбирање, кога  избегнуваат одредени тешки теми или премногу се фокусираат на еден проблем во нивната врска - што доведува до циклични расправии. Така многу лесно  може да дојде до фрустрација и незадоволство во врската.

Можете да ја имате целата љубов на светот, но добрата комуникација ќе биде она што ќе ја движи врската кон нешто одржливо и долгорочно.

Дополнително: Чувство на подготвеност за врска

Понекогаш срцето е навистина комплицирано. Може да сакате некого, но да не сакате да бидете со него или да не сакате да бидете со него во моментов. Можеби имате други цели, можеби се чувствувате емотивно недостапни или едноставно не сте подготвени да преземете поголема обврска. Овде тајмингот е нависитна важен.

Ако не се чувствувате спремни за следниот чекор, разговорот со вашиот партнер за она што вие го сакате и како гледате на долгорочен план, може да ви помогне да сфатите дали навистина се впуштате во нешто што е добро и за двајцата. 

Сите врски се различни и најголем дел од проблемите се решаваат. Но, љбовта - иако прекрасна и очигледно неопходна - не е единствената состојка, па дури и (веројатно) најважната состојка во една здрава, исполнета врска. Тоа сепак не значи дека не треба да бидете романтични и спонтани со вашиот партнер. Љубовната поезија е прекрасна, исто и вечерните состаноци, букетот цвеќиња со добра чаша вино или гледање филм гушнати на троседот. Како за сè во животот, така и за љубовта е потребен континуиран труд и работа.

Најчитани

Соновник

Најчест сон за вчера беше: Мртовец

Цагери

Следен цагер

Цагери Четврток - 11:11 - Наскоро ќе бидете заедно