Саемот на книга 2020 од 8 до 14 септември на отворено

Недела, 06 Септември 2020 10:00

Претпоставуваме дека интензивно се подготвувате за новиот Саем на книгата и уште отсега си правите списоци на книгите кои сакате да ги купите со цел да ја подновите домашната колекција.

Саем на книга

Македонската Асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија – ЗИКМ, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија со сите вложени напори и големо задоволство ја известуваат јавноста дека традицијата продолжува и оваа година, и на радост на многумина Саемот на книга ќе се одржи од 8-ми до 14-ти септември на отворен простор кај Аква паркот во комплексот на А1 арена Борис Трајковски, под монтажни објекти.

За време на Саемот најавено е во целост почитување и применување на сите безбедносни мерки и препораки за заштита на јавното здравје согласно Протоколите за спречување на ширење на коронавирусот, пропишани од Владата на Република Северна Македонија поради кои, впрочем, саемот оваа година за првпат и се одржува на отворен простор. Со Саемот на книга на отворено, започнува и првиот од саемите под мотото: „Безбедни саеми”, кои пред сè ќе ја имаат предвид безбедноста на посетителите и изложувачите и ќе се адаптираат на новонастанатите услови.

На саемот ќе земат учество повеќе од 40-тина издавачки куќи кои најавија дека ќе ги претстават своите најнови изданија и наслови, богата понуда со големи саемски попусти до 70 отсто и подароци, додека посетителите ќе можат да избираат од понудата на голем број домашни и странски автори, странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца. Покрај вонредните услови за живеење и работење во услови на пандемија, љубителите на пишаниот збор сепак ќе имаат можност да се снабдат со добра книга.

Работното време на саемот е од 10 до 20 часот, а на 14-ти септември од 10 до 17 часот. Билетот за влез чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години изнесува 20 денари. Билетите можат да се купат преку оn-line електронскиот систем на www.karti.com.mk по цена од 30 денари, како и на билетарите пред влезот на саемот. 

Саемот на книга е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.